Во рамки на програмата на годинешното издание на фестивалот Охридско лето вечерва со почеток во 21 часот во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“ ќе биде одиграна претставата „Јованка Орлеанка“ во изведба на актерите од Драма театар „Рачо Стојанов“ од Габрово, Бугарија.
Режисерот на претставата Петринел Гочев во најавата за претставата вели дека тоа е приказната за средбата на два света – светот на една девојка и светот на границите, челичните лопати и правото на силата.
-Историја на една девојка, со особен поглед, даден од Бога, девојка што живее еден свет, заеднички со нашиот, свет на ангели, на светци и на огнена смрт. Денес Јованка е светица, но што значи тоа? Го сакаме ли и ние тоа за себе? Ја сакаме ли светоста за себе? Можам ли да одолеам на слична заповед, неопходни ли се светоста и посветеноста во некоја кауза? Мести ли Бог сè во животот на обичниот човек и постои ли воопшто обичен човек, или сите сме повикани да постигнеме состојба на светост, вели Гочев.
Тој потенцира дека адут на ова претстава е енергијата која струи од сцената, како и постигнатите паралели за тоа како реално се случуваат работите во животот, заситеноста и искуствата.
OhridNews