Македонскиот репрезентативен бокс го допре дното немајќи свој преставник на Европското првенство кое се одржа пред месец дена во Самоков, Бугарија.

Со немањето на учесник на ЕП автоматски Македонија го загуби правото за настап на Светското првенство и си ги затвори вратите за свој преставник на Олимписките игри во Рио 2016 година.

Причините за неучеството на ЕП во Бугарија се финансиите и блокираната сметка на Боксерската федерација на Македонија (БФМ). Сметката на БФМ е блокирана од 1998 година со судско решение поради смртта на Ѓокица Неделковски на интернационалниот настап на Македонија во Грција.

–  Треба и некој друг да се грижи за репрезентацијата. Никој не сака да се погрижи. Се обратив и во АСМ, но и до родителот на детето за да се симне извршното решение и да може на рати да го исплаќаме долгот. Откако почнаа да одат работите во насока на разбирање и решавање се случи трагичен настан, почина мајката на боксерот. Пративме писмо со сочувство до фамилијата. Се се случуваше во овој период . – рече Војо Настевски претседател на БФМ.

Остро немањето решение на БФМ го осудуваат тренерите од македонските клубови кои се најдоа во небрано по новонастаната ситуација. – Навистина е жално да бидеш инволвиран и со толку голема мотивација и ентузијазам да работиш за спортот преку кој се истакнува моќта на нацијата, а, од друга страна, некој свесно да ти го ускратува тоа право и да ја убедува јавноста дека Македонија нема квалитетни боксери, ниту пак квалитетни боксерски работници. – потенцираше Илија Младеновски.

Црното сценарио на репрезентативниот бокс беше најавено минатата година кога Ohridnews отворено пишуваше за лошите услови во кој работеше охридскиот клуб.

Без клуб и репрезентативен ангажман останаа охриѓани Сашо Лескароски и Бојан Ристески кои беа дел од секое учество на Македонија на интернационално ниво.

Во 2015 година охридските боксери немаат ниту една официјална борба на домашно тло, а апсурд е да се зборува и помислува на борби надвор од границите на Македонија.

Михаил Постоловски