ТАВ Македонија, денеска во Елбасан, Албанија, ги претстави можностите за евтини патувања од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид и Меѓународниот Аеродром Скопје за граѓаните на Албанија, на средба со локалните туристички агенции во овој град во централниот дел на Албанија.
Дополнително од промоцијата на мрежата на авиолинии на аеродромите во Скопје и Охрид, ТАВ Македонија денеска на туристичките агенции во регионот на Елбасан, им ја нагласи важноста од воспоставување на редовна автобуска линија од Елбасан до аеродромот во Охрид, бидејќи воведувањето на ваква редовна автобуска врска вистински ќе ја стави на располагање близината меѓу двата града, кои што се оддалечени 86 km, или само на час и половина возење.
- Охридскиот аеродром е навистина близу до Елбасан, само 1,5 часа возење со автомобил, а сепак двата града немаат редовни автобуски линии. Албанија, особено Елбасан е во нашата гравитациска зона со голем потенцијал за Охридскиот аеродром. Следствено на тоа, евтините авионски линии од Охридскиот Аеродром и географската близина на двата града, можат да бидат искористени целосно, ако заеднички ги вложиме нашите напори за да ја постигнеме оваа цел, изјави Неџат Курт, Заменик генерален директор за операции во ТАВ Македонија, на средбата со локалните тур-оператори одржана во Елбасан, Албанија.
Како што истакнаа од ТАВ Македонија во Елбасан, Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид моментално има вкупно 18 дестинации, од кои 8 се редовни, а во исто време и ниско-буџетни авиолинии коишто сообраќаат во текот на целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Мемингем и Дортмунд. Другите 10 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, односно сообраќаат во периодот од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана.
На почетокот на овој месец, охридскиот аеродром беше рангиран од страна на Меѓународниот Совет на Аеродроми (Airports Council International – ACI) меѓупрвите 3 аеродроми во Европа, согласно високата стапка на пораст во бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која е 63,9%, што е значително повисока стапка од просекот во ЕУ којшто е 4,4%.
OhridNews