Со традиционалното авијациско добредојде-воден мост за авионот Ербас А 320 на авиокомпанијата Еуровингс и слатки за патниците, на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“, денес, беше пречекан првиот лет од Штутгарт.

Со тоа означен е стартот на двете нови сезонски дестинации – Штутгарт и Дизелдорф, како и влезот на Еуровингс како нова авиокомпанија на македонскиот пазар.

  • Од денеска, 1 јули, Еуровингс ќе лета на дестинацијата Штутгарт-Охрид два пати неделно, секој понеделник и петок, до 9 септември, а од 17 јули авиокомпанијата ќе ја отвори својата втора сезонска дестинација од охридскиот аеродром – Дизелдорф, на која ќе  лета секоја среда до крајот на август. Очекуваме овие две нови дестинации, Штутгарт и Дизелдорф, да го зголемат бројот на патници на аеродромот во Охрид, како и бројот на германските туристи на прекрасното Охридско Езеро. Во исто време, двете нови дестинации ќе отворат нови можности за локалното население кое ќе може да го избере Еуровингс за нивните патувања и да ги искористат поволностите од широката мрежа на 210 дестинации низ целиот свет, вклучувајќи и далечни дестинации до Северна Америка, Јужна Америка и Азија’, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што потенцира директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев, со зголемувањето на бројот на летови и патници, охридскиот аеродром го доживува својот процут, експанзија на сообраќај што не е забележано години наназад.

  • За споредба само пред 5 години, во 2014 година, аердромот имаше 45.000 патници преку целата година. Оваа година, само во август, на охридскиот аеродром ќе слетаат и полетаат 45.000 патници. Значи бројките се фрапантни, но прекрасни и ова што денес се случува со охридскиот аеродромм само ни дава за право на сите нам кои верувавме дека овој аеродром ќе доживее процут, бум и експанзија на сообраќајот, дека тоа и се случува. За споредба лани имаше 184.000 патници, а оваа година ќе има над 300.000 патници преку целата година. Енормно зголемување и на бројот на патници и на бројот на воздухоплови. Денес 13 воздушни превозници од Европа го поврзуваат Охрид со 20 атрактивни дестинации во 12 држави. Овие бројки нема да застанат, ќе се движат по нагорна линија, изјави Тунтев.

Претседателката на советот, Живка Ангелоска, рече дека секое ново авио-поврзување значи отворање на нови хоризонти и можности за патувања, развој на туризмот и воспоставување на нова деловна соработка.

  • Благодарение на заложбите на  Владата на Република Северна Македнија и ТАВ Македонија, кон охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ веќе се воспоставени низа нови директни линии, со кои Охрид станува поврзан град преку целата година, што значително влијае врз бројот на туристи и остварени ноќевања. Исто така, за охридските туристички работници од особено значење се директните чартер линии, кои продолжуваат да оперираат во текот на летниот период. Се надевам дека атрактивноста на Охрид како дестинација и капацитетите со кои располага Охридскиот аеродром ќе бидат препознаени и од други авио-превозници, кои ќе пројават интерес за воспоставување на редовни и чартер летови до Охрид, истакна Ангелоска.

Патниците можат да добијат повеќе информации за резервации и продажба на авионски билети за новите дестинации од аеродромот во Охрид до Штутгарт и Дизелдорф, на веб-страницата на Еуровингс: https://www.eurowings.com

Од денеска, авиокомпанијата лета од Штутгарт до Охрид, секој понеделник, со време на пристигнување во Охрид во 09:25 часот и време на полетување за Штутгарт во 10:15 часот. Во петок, летовите ќе пристигнуваат на охридскиот аеродром во 10:15 часот и ќе заминуваат за Штутгарт во 11:05 часот. Летовите до Дизелдорф, како втора нова дестинација од аеродромот во Охрид, што ги воведе Еуровингс ова лето, од 17 јули, ќе бидат секоја среда, пристигнувајќи на аеродромот во Охрид во 18:10 часот, со заминување за Дизелдорф во 18:50 часот.

  • Многу сме задоволни што можеме да им ги понудиме на патниците новите дестинации од Охрид до Штутгарт и Дизелдорф во текот на ова лето. Авио-билетите се достапни веќе од 29,99 евра за лет во една насока, вели Оливер Вагнер, Главен комерцијален директор на Еуровингс.

Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле во моментов опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни нисокобуџетни авиолинии преку целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Меминген и Дортмунд. Останатите 12 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана, Штутгарт и Дизелдорф.

OhridNews