„Ќе пливам за децата со ретки болести. Оваа година целта ќе биде многу голема и тешка, но со Ваша подршка, јас ќе успеам.“

Ова беа зборови кажани на отворена сцена, пред македонската јавност, при доделувањето на „Златната Бубамара на популарноста за Спортски подвиг на годината“. Зборови од мојот син, Марко, тринаесетгодишено дете, кое и самото се бори со реткиот непријател, прескокнувајќи ги деновите на безгрижно детство и предвреме соочувајќи се со проблемите од светот на возрасните.

Ова дете, е на добар пат да стане езерска легенда на Охрид и Македонија. Деновиве, по социјалните мрежи беше објавено дека целокупниот приход од продадените маици ќе биде дониран за децата со ретки болести. Замислете ја неговата желба и начин на размислување: Преку остварување на неговиот пливачки предизвик, сака да им помогне на децата (со „продадени“ неколку десетици, стотици маици… или со „собрани“ неколку стотини или илјади денари или евра). Зарем оваа желба не треба да допре до некои други, луѓе, кои знаат, треба, можат и мораат да дејствуваат. Зошто секогаш да сме на маргините на светските хумани стандарди? Зошто, други да ни го покажуваат правиот пат, како треба да биде? Некогаш и ние можеме да сме први. Да заборавиме на: „Мали сме“, „Незначајни“, „Непризнаени“ и што уште не. Освестете се! И јас помислував: „Не, на моето семејство тоа не може да му се случи“ – но се случи. Секојдневно се среќаваме со Александар, Марија, Петар,Сара, Игор, Мила, Никола… деца, луѓе кои и покрај својата природна реткост и единственост – „станале РЕТКИ“.

Зошто, секојдневно, со надеж за да се спаси или продолжи нечиј живот, за да се излечи некоја болест, некој се фаќа за сламката спас, барајќи парични средства за лекување. Зарем тешко е да се извага: НЕЧИЈ ЖИВОТ или еден прием помалку, помалку еден банкет, вечера, помалку една дневница, помалку една провизија, помалку еден Mercedes, помалку еден данок или камата, помалку една или десетици палми, помалку една телевизија, помалку………… но за повеќе! ЗА ЖИВОТ!

Државата е таа која преку своите институции суштински и системски треба да го реши овој проблем еднаш за секогаш според најнови светски стандарди. Не треба ништо да се измислува, треба само светските искуства да се применат тука, кај нас, во Македонија.

И за крај но не помалку важно поврзано со она „Освестете се“. Кратко кажано, Македонската Православна Црква да заборави на она народното „на’ попе рака“. И тие треба, можат и мораат „Да подадат рака“ ….

Нечие малку, некому е СЕ’! ЦЕЛ ЕДЕН ЖИВОТ! ЦЕЛО ДЕТСТВО, МЛАДОСТ СТАРОСТ… ДА ПОДАДЕМЕ РАКА … НЕКА ИМА СОНЦЕ ЗА СЕКОЈ ОД НАС НА ЗЕМЈАТА!

Оти сонцето, ИСТО ГРЕЕ… ЗА СИТЕ НАС!

Таткото на Марко Пејчиновски

Езерото и Марко пишуваат нова легенда