Семејството на Неџад Рамадани, самохран татко кој се грижи за своите две деца со пречки во развојот, веќе неколку дена е без покрив над главата. Неодамнешните интензивни врнежи од дожд и снег придонесоа нивниот скромен дом целосно да биде уништен.
– За среќа навреме осетив дека куќата не е стабилна и со децата отидовме кај соседот кој ни овозможи привремено да престојуваме во неговата куќа, па така за среќа утрото кога објектот се сруши не бевме тука. Живееме со осум илјади денари месечно помош. Не работам бидејќи нема кој друг да се грижи за децата од кои едното е целосно неподвижно, а мојата сопруга почина пред десет години, вели Рамадани, кој бара помош од локалната самоуправа и граѓаните за да го обнови домот.
Градоначалникот Никола Бакрачески денес изврши увид на лице место ветувајќи дека локалната самоуправа ќе помогне во рамки на своите надлежности и можности.
– Апелирам и до граѓаните, здруженијата и институциите да се вклучат во давањето помош за семејството, како за обновување на домот така и за грижата за неговите деца, рече градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот вети дека локалната самоуправа на семејството Рамадани ќе му погне и финансиски и материјално со цел таткото и двете деца што поскоро да се вратат во својот дом .
Т.К.