Одбележана 130-годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ, основоположник на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, великанот во лимнологијата и во научната мисла воопшто, вљубеник во Охридското Езеро, негов голем познавач и промотор.

Директорката Орхидеја Тасевска истакна дека основањето на оваа институција претставува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создадени предуслови за продолжување на систематското проучување на езерото и богатата флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови. Тогашната хидробиолошка станица, вели Тасевска, ја премостува Втората светска војна, ги развива своите потенцијали и прераснува во Завод, за да во 1961 година стане самостојна научна институција која во 1994 година е запишан во регистарот на организации за научно-истражувачка дејност во Р. Македонија.

Денес е Институција од стратешко значење за државата со завидна бројка на научен кадар од 12 доктори на наука и два магистри организирани во 10 одделенија. Плодната научно истражувачка работа на научниот кадар резултира со голем број научни трудови објавени во домашни и престижни меѓународни списанија. Својата активност Заводот ја проширува и преку соработка со други научни институции од земјата и странство, како и со учество во бројни регионални, национални и меѓународни научно истражувачки проекти. Во тек е спроведување на активности во три меѓународни и два национални проекти. Институтот врши и активна заштита на животната средина преку многубројни предавања, а има и многу значајна едукативна, но и просветна и културна мисија. Нашата институција била, е и ќе остане столб на лимнолошките истражувања во нашата земја. Била и ќе биде соочена со разни предизвици, но нејзиното место и значење мора да бидат соодветно вреднувани и признаени, вели Тасевска.

Научниот кадар на Заводот делото на академик Станковиќ „Охридското Езеро и неговиот жив свет“ го смета како појдовна основа врз која се темелат сите понатамошни истражувања и сознанија за нашиот најголем природен споменик Охридското Езеро.

Врвот на достигнувањата на сите напори што професорот Станковиќ ги правел на полето на екологијата дошло до израз со објавувањето на книгата „Екологија на животот“ на српско-хрватски јазик во 1962 година, вели Проф. Д-р. Трајче Талевски претседател на Советот на ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, додавајќи дека во книгата општите принципи на екологијата се поткрепени со примери од истражувањата со екологијата во кои се внесени резултати и заклучоци од земјите и во светот.

Во Охрид за прв пат Станковиќ дошол како доцент во 1922 како на Белградскиот универзитет, откако го видел Охридското Езеро станал вљубеник во него, неговиот растителен и животински свет и останал ненадминат познавач на езерскиот жив свет. Но, за важноста на Охридското езеро знаел уште како студент од истражувањата на голем број светски научници кои имале извршено обемни биолошки, хидролошки и други проучувања на езерото. Со овие проучувања било докажано и заклучено дека Охридското Езеро е многу старо и богато со растителен и животински свет кој живее само тука и во еден тесен регион околу него. Извесен број растенија и животни се сосема идентични или блиски со фосилни остатоци на Балканскиот полуостров и на Средна Европа. Сумирајќи ги резултатите на истражувањата во своето значајно дело „Фауната на Охридското Езеро и неговиот жив свет“ објавено на македонски јазик, проф. Станковиќ донел важни заклучоци за потеклото и за фауната и за географското значење на Охридското Езеро, вели Талевски.

Одбележана 130-годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ

Проф. Д-р Александар Трајков, продекан за настава на Факултетот за туризам и угостителство Охрид при универзитетот Св. Климент Охридски Битола, истакна дека како Факултет имаат исклучително добра соработка со Хидробиолошкиот завод.

Не само преку научно истражувачката работа, туку вработените од оваа институција се дирекно вклучени во самиот образовен процес, во продуцирање на млад кадар кој понатаму ќе го пратат словото на Станковиќ во развојот на неговата научна мисла. Вработените не само што учествуваат во креирање на програми од магистерски и докторски студии, дирекно се вклучени и во неколку предметни програми на нашиот факултет. Голем е придонесот кој го дава овој академик, а ние сите треба да го продолжиме неговото дело и во иднина. Се надевам дека соработката ќе продолжи и во иднина, рече Трајков.

На чествувањето беше прикажан и краток филм за Институтот за биолошки истражувања „Синиша Станковиќ“ од Белград, подготвен по повод 70 години од почетокот со работа.

Мирјана Михајловиќ, директор на Институтот во своето излагање се осврна на почетоците на Институтот во 1965 година кога директор бил и токму Станковиќ, да потоа во негова чест го носи и името. Михајловиќ рече дека низ овие 75 години Институтот заедно со своите соработници има реализирано голем број проекти и публикации, а посебно внимание посветуваат на развој на млад кадар бидејќи без тоа нема иднина Институтот.

Имаме голема соработка со научно истражувачки институции и во земјата и надвор, а посебно ни е значајна блиската соработка со институциите во регионот и се надевам дека нашите два института ќе имаат интензивна соработка во иднина, рече Михајловиќ.

На настанот беше обновен и меморандумот за соработка со Институтот за биолошки истражувања „Синиша Станковиќ“ од Белград.

Н.С.Ј

фото. А. Момироска