Откако деновиве во јавноста беше презентиран документ на 166 страници, за кој се тврди дека е сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоевски дадено пред американската комисија за хартии од вредност во случајот „Корупција во македонскиот Телеком“, се огласија и експертите кои со години го следат овој случај, за кој кај нас е покрената постапка само против странските менаџери на тогашниот „Маѓар Телеком“, но не и против домашни политичари, за кои постојат сомневања дека се инволвирани во скандалот за кој домашното обвинителство со години молчи.
Слаѓана Тасева од невладината „Транспарентност Македонија“ вели дека последните наводи изнесени за овој случај се само уште една потврда дека нашите институции не сакаат да го истражат овој случај.
-Не зборувам за тоа дали има капацитет или нема, нема потреба од многу капацитет за ова да се истражи затоа што се е документирано. Поразителен е фактот дека ние ги имаме сите документи овде во Македонија, сите актери се овде што учествувале во таа ситуација, или на коишто им е позната целата ситуација, никој не се обиде да собере дополнителни информации за да ја спроведе истрагата против оние коишто си дозволите корупција на штета на граѓаните, затоа што да не заборавиме е голема корупција. Што сакале да постигнат политичарите е да сите ние уште две години плаќаме повисоки сметки за мобилна телефонија, односно да не се либерализира пазарот на мобилна телефонија. Тоа е на штета на сите нас и нашите институции и сега би требало да побараат одговорност од оние коишто не постапиле, затоа што не може да останат вечно неповикани – неказнети оние што не си ја исполнуваат службената обврска, вклучително и јавниот обвинител којшто постојано вели дека нема докази.-изјави денеска во Охрид Тасева.
Слаѓана Тасева
Тасева смета дека случајот „Телеком“ е уште една потврда на постоечката состојба на ненапаѓање помеѓу нашите политичари, односно продолжување на праксата кој да дојде на власт оние што грешеле претходно нема да се процесуираат, судат или било што против нив да се презема.
-Тие така со години се одржуваат на власт и СДСМ и ВМРО тука се изедначени. Си го покриваат криминалот едните со другите затоа што сите се во ситуација на корупција којашто утре не сакаат некој да им ја истражи. Но таа состојба на недопирливост на политичарите еднаш мораме да ја прекинеме. Еднаш јасно и гласно мораме да побараме и Груевски којшто го искористил сознанието за примен поткуп за да се запре постапката во обвинителството исто така треба да одговара како и јавниот обвнител којшто ја запрел постапката во таква ситуација. Мислам дека сите ние треба да побараме гласно одговорност од сите нив и веднаш да си заминат од сите функции.-рече Тасева.
Се проценува дека во аферата со телекомот, која датира од 2005 година, со корупција на македонски политичари странските менаџери благодарение на монополската положба која и била овозможена на компанијата од земјава испумпале милиони евра.
Г.М.