Ракометарите на Охрид во последниот натпревар од полусезоната во Супер лигата силите ќе ги одмерат со вториот тим на Вардар. Охриѓани на мегдан со „црвено црните“ во „Билјанини Извори“ ќе влезат со позитивна серија од три победи, а со триумф над ривалот ракометарите ќе го „чекираат“ билетот за плејофот.
– Не очекува тежок натпревар со втората екипа на Вардар кој под никаков услов не смееме да го загубиме. Со победа над директениот конкурент широко ќе си ги отвориме вратите за плејоф. – рече Иван Тасески.
Пивотменот во охридскиот состав и останатите ракометари ја прифаќаат улогата на фаворит која до сега ја оправдуваа на секој меч сезонава во Супер лигата.
– Во мечот влегуваме како фаворити, а тоа не ни представува некој дополнителен притисок. Во никој случај не смееме да го потцениме противникот кој на последниот меч ја победи екипата на Работнички која моментално е втора на табелата. – потенцираше Тасески.
Во контролните натпревари пред почетокот на сезонава пулените на Пепи Манасков го совладаа тимот на Охрид и тоа во „Билјанини Извори“, но во Супер лигата „гладијаторите“ пеат сосема друга песна.
– Поразот од контролните натпревари е добра опомена и мотив повеќе секако, кој не ни треба кога играме пред охридската публика. Поддршката од публиката ни значи многу, а сезонава заедно покажавме дека можиме да се носиме и со поголеми екипи. Донесевме многу радост сезонава за охриѓани, а во среда сите заедно ќе атакуваме на нова вкупно седма победа во Супер лигата. – заврши миленикот на охридската публика.
Натпреварот со кој ќе се комплетира деветтата рунда во Супер лигата ќе се одигра в среда на 18 ноевмри во 18 часот, а цената на билетите изнесува 30 денари.
Михаил Постоловски