Пивотменот Иван Тасески и чуварот на мрежата Јагош Брауновиќ најмногу се истакнаа на дуелот помеѓу Охрид и Работнички кој им припадна на охриѓани со 34-22. Награда за добрите претстави за двоецот од Охрид дојде од специјализираната страна за ракомет „24ракомет“ кој го вклучи во тимот на колото во Супер лигата.
Тасески заедно со останатите ракометари одиграа маестрално во одбрана на почетокот од натпреварот кога го отпишаа гостинскиот состав а мечот го заврши како втор стрелец со пет погодоци после крилото Бобан Блажески.
Црногорскиот голман Брауновиќ во текот на натпреварот стигна до 13 одбрани и беше нерешлива енигма за ракометарите во „црвени“ дресови. Брауновиќ ја троши втората сезона во Охрид и треба да биде голем адут заедно со Никола Даниловски на охридскиот состав.
Друштво на Тасески и Брауновиќ во тимот од втората рунда во Супер лигата му прават Стефан Талески (Пелистер), Иван Џонов (Пролет), Дарио Петровски (Пелистер), Мартин Серафимов (Металург), Златко Мојсоски (Бутел Скопје).
OhridNews