Со изведба на претставата „Тартиф” синоќа Народниот театар од Битола  гостуваше  во Центарот за култура  ,,Григор Прличев” предизвикувајќи  бура од емоции кај публиката, длабока смеа, но и размислување за лицемерието како централна тема во ова драмско дело од Молиер.

Тартиф е фолирант,  измамник и шарлатан и се се врти околу него. Како успеавте да го доловите толку оригинално и така пластично  да му го претставите на публиката ликот на Тартиф која се смееше до солзи на сцените со вас?

-Мислам дека Молиер е главниот шизик, тој создаде драмски текст кој им остава слобода на актерите како ќе ги одглумат ликовите. Ние како екипа само успеавме да ги усогласиме нашите гледишта како би изгледал Тартиф  кој може да се сретне насекаде, постојано, во секој еден од нас. Тој е човек со толку маски кој мисли дека има се, но на крајот завршува неславно, сам и во затвор. -изјави Огнен  Дранговски кој го толкува главниот лик.

 
За тоа како им успеа класична драма која потекнува од времето на средниот век да ја адаптираат на денешни услови и да ја направат да звучи и изгледа актуелно, Дранговски со одговор:

-За тоа многу ни помогна музиката која е на Венко Серафимовски и некои финеси кои ги вметнавме со цел поголема ритмичност и динамика, пред се играта на сцена за  да ја забавуваме публиката. 

Иако потекнува од времето на класицизмот, претставата пред се  претставува коментар на денешното општество. Таа преминува во сатира која ја исмејува површноста, наивноста на човекот и леснотијата со која може да биде заведен од се и од секого, особено од политичарите.  Но во претставата  се среќаваме и со друга карактерна особина на Тартиф, а тоа е да ги заведува луѓето да веруваат во неговата наводна побожност, чесност и исцелителна моќ. Тој е репрезент на една општествена состојба, односно  помодарските религии кои постоеле и тогаш, но се се почести денес.

-Денес се повеќе се јавуваат најразлични религии кои ги заведуваат луѓето кои пак плаќаат дебело за предвидување на судбината преку  хороскопи, бајачки кои  на најразлични начини се ,,трудат”  да им ја претскажат иднината. Тоа зборува дека ние, особено во Македонија не само што сме суеверни, туку и лековерни и ги прифаќаме  работите здраво за готово, посебно кога сме избезумени, немоќни и повредени. – истакнува Дранговски.

Ликот на Оргон  е олицетворение на  луѓето кои поради  различни причини, мотиви и интереси, на пример, конкретно во нашава земја,  слепо им веруваат на политичарите.

-Во мојот лик може да се пронајдат сите оние кои слепо  веруваат во лагите кои  ги шират медиумите и политичарите, кои ги прифаќаат безрезервно вестите и информациите без да бидат свесни за тоа и кога ќе сфатат и ако го сфатат тој магичен круг може да биде предоцна. Оваа комедија ја  адаптиравме на денешните општествени околности  со цел да се сфати делото со леснотија. Тоа го постигнавме благодарение на соработката со  режисерот кој ги прифаќаше нашите креативни идеи и  визија за ликовите, потоа со тоа што го сфативме текстот како шега, а сепак работевме максимално посветено, напорно и сериозно.-рече   Никола Пројчевски кој го толкува ликот на Оргон.

Оваа претстава не соочува со болната вистина дека се  помалку и се поретки се вистинските пријателства и луѓе, дека во нашето транзициско општество доминира хипокризијата, полтронството и кризата на духовните и морални вредности. Прашањето е дали човек треба да го допре дното за да стане свесен дека промената тргнува од самите нас и дека никој не може да ни помогне доколку нашата деструктивна моќ преовладува над силата на љубовта, доброто и Вистината.

– Маријана, односно ќерката на Оргон и Елмира од аверзија кон Тартиф на крајот пак го прифаќа нарачаниот брак со него. Тоа само потврдува колку се изместени вредностите денес. Но сметам дека човек  не мора да го допре дното за стане подобар, сметам дека треба побрзо да стане свесен за  неговите лоши страни и да се труди да преовладуваат позитивните особини  во неговата личност. Среќа што јас можам да ги препознаам и ценам доблестите кај луѓето кои ме сакаат и почитуваат и на кои искрено сакам да им го посветам моето внимание.Иако денес се чини дека победници се токму лажговците, лицемерите, медиокритетите,  шарлатаните, фолирантите, полтроните и хипокритите, сепак верувам дека на крајот ќе победи правдата и Вистината, како што и завршува претставата. – изјави Маја Андоновска која ја толкува улогата на Маријана.
 
„Народниот театар од Битола ја потврди уште еднаш својата репутација пред публиката во Охрид со одличната актерска  глума, талентот и инвентивноста” – рекоа посетителите.

Ивана Чичоска