Тартанот го замени со ридските нерамнини, некогаш газеше на 400 метри, а сега ги „гази“ планинските рути. Борбата со самиот себе е она што го „турка“ секој еден спортист. Овој вид на спорт е повеќе од одлична можност за туристичка промоција на Охрид, за еден нов поглед кон Охрид на туристичката мапа.
За првите чекори во овој релативно нов спорт разговаравме со Дејан Ангелоски кој е поранешен атлетичар освојувач на бројни медали на 400 метри и долги патеки, а сега неуморен „планинар“:
Ја сакам атлетиката и се уште ја подржувам. Сепак, таа ме насочи кон овој спорт – планинско трчање. Во јуни 2018 година, по победата на државното првенство во планинско трчање во младинска категорија се пласирав на Европското првенство во планинско трчање на Водно во Скопје. Таму остварив одличен успех, пласирајќи се некаде на половината од 50 учесници, резултат кој што наши натпреварувачи тешко го остваруваат. Тоа ми даде дополнителен мотив да продолжам да се занимавам со овој спорт. – рече нашиот соговорник.
Зголемениот адреналин, нерамниот под, надминување на самиот себе како и внатрешната борбата со себе ја прави разликата меѓу атлетиката и планинарското трчање , смета Анегелоски и вели
Во атлетика одиш по строги тренинзи. Ги правиш како што треба, одиш остваруваш резултат, чувствуваш одредено ниво на задоволство и среќа. Кај планинското трчање, секој чекор ти е предизвик. Внимателно и брзо движење на планински предели е многу специфична работа, што не сметам дека може да се истренира. Физичката подготвеност има улога, но не е клучен фактор за успех во планинските трки, туку психата на човекот бидејќи се соочува со непознат терен и планина. Резултатите и пласманот не ми се приоритет, туку секој чекор, секој километар ми е задоволство бидејќи го правам она што ме прави среќен. – додава Ангелоски.
Одлуката за напуштање на атлетиката и преселување во планинските трки не била воопшто лесна, но предизвикот и љубовта кон планината била поголема од онаа кон атлетиката. Сепак тоа била одлука која ја донесло “срцето“.
Одлучив да го правам тоа што ме прави среќен. Планините од секогаш ме правеле среќен, ме исполнувале и сум се чувствувал убаво. Поврзувањето на трчање и планини за мене беше непознато, доколку го откриев тоа порано сметам дека не би се посветил на тие 400 метри на тартанот. Едноставно сакам да сум слободен, да уживам, да се надминувам себеси. Атлетиката не ја запоставувам, со овој капацитет што го постигнав со тренинг на планините мислам дека ќе имам одлични резултати на атлетските трки како 10.000 метри, полумаратон или маратон во иднина, но сепак треба да се одвои време за таков вид тренинзи. – истакна Ангелоски.
Планинските трки во последните години се во центарот на вниманието на обожавателите на „аутдор“ тренингот, а целта на добар дел од натпреварувачите е да се „тркаат со себе“. Трките преставуваат уживање, запознавање на нови планини, простори преку трчањето, и секако дружба.
Ако зборуваме за натпреварувачите од Македонија тогаш солидна е бројката за наши стандарди. Видете, брзото движење на планина е најдобар начин да се истражат што поголем број непристапни терени, во тој контекст се придонесува и развојот на туризмот и промоција на планините. Македонија е планинска земја и од тој аспект не е многу истражена. Трките, помогнуваат во разоткривањето на мистичните места што се одличен извор за промоција на Македонија како една таква дестинација. – потенцираше соговорникот.
Минатата година градот Охрид за прв пат беше организатор на една планинска трка наречена „Охрид Треил“ која ја организираа Здружението за плнанински спортови ТРЕКС и Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“. На дебитантското издание учествуваа над 150 натпреварувачи од десеттина држави. Ангелоски поради засилените подготовки за „Охрид трчаТ“ не „трчаше“, но како волонтер беше дел „Охрид Треил“.
Минатата година не се натпреварував, затоа што се подготвував за Охрид трчаТ, каде го освоив второто место на петкилометарската трка. Планинската трка во Охрид е доста поагресивен чекор за градот, после манифестацијата Охрид трчаТ. Акцентот е ставен на странски натпреварувачи, сите вакви планински трки се од меѓународен карактер, а и самата желба кај граѓаните за посета на Галичица се зголемува. Спојот на туризмот и спортот е одлична можност за развој на планински туризам во нашиот град. Имаме прекрасна планина, штета е да ги немаш погледнато двете езера (Охридско и Преспанско) од едно место, да се немаш искачено на Магаро (2 255 метри) или барем до Велестово за почетници. Лично за мене сеуште нема поатрактивно место од Велестово за трчање низ патеките во тој предел, со што секако не ги занемарувам другите подрачја од тој предел. – заврши Ангелоски.
Михаил Постоловски