Министерот за здравство Арбен Таравари денеска има средба со претставници на специјализантите кои ќе бараат одговори од него како ќе се спроведе планот на Владата за нивно вработување. Таравари утрово беше во посета на Детската клиника и притоа изјави дека негов приоритет било да најде решение за специјализантите и оти оваа година од вкупно 647 ќе бидат вработени 300, но за тоа ќе треба да бидат воспоставени критериуми.

Јас сум многу среќен што успеав првиот месец да изнајдеме решение. По информација на Министерството тоа помина во Влада, од вкупно 647 специјализанти 300 ќе бидат вработени оваа година. Сега треба да поставиме критериуми и потоа да побараме кај има интерес во јавните здравствени установи и 300 други ќе останат за идната година. Во меѓувреме, следната моја заложба ќе биде да видиме и овие коишто подолг период, посебно, среден медицински персонал кои подолг период работат и немаат решение за работа да најдеме и за нив решение за до крајот на годината и тие да бидат редовно вработени, рече Таравари.

Според него, за тие вработувања нема да се чека новиот Буџет.

Нема да се чека новиот буџет. Ќе се обидеме во склоп на овој буџет да успееме да го менаџираме тоа. Меѓутоа, ни треба време да се синхронизираме и со другите министри. Јас сум оптимист дека и оваа работа како и со специјализантите, како и со позитивната листа ќе ја завршиме, рече министерот за здравство.

За лекарите што чекаат шестмесечна задолжителна пракса вели дека се уште не се видел со нив и дека немало барање за средба со нив.

OhridNews