Сите пациенти кои вчера беа донесени во болниците низ државата се во стабилна состојба, и тие што се пренеси надвор од државата, досега 51, сите се генерално во стабилна состојба. Има пациенти денеска што се јавуваат во болница. Упатувам апел до сите кои не се пријавиле вчера, нека се пријават денеска, рече на прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари.

Од вчера почнавме со новата стратегија бидејќи 51 пациент веќе се испратени надвор од државата ги преземавме сите пациенти од Кочани и од Штип бидејќи имаме капацитет во Клинички центар, „8-ми Септември“ и старата Градска болница. Во Кочани и во Штип веќе немаме пациенти. Во Клинички центар моментално има 49 пациенти, во „8-ми Септември“ – 18 пациенти, во стара Градска болница се 17 пациенти, во Штип сега се пријавени двајца нови пациенти кои вчера воопшто не биле. Досега во Турција испратени се 9 пациенти, во Бугарија 14, во Грција 5, во Србија 17 пациенти. Вчера се испратени и во Унгарија двајца пациенти, како и 4 во Литванија. Денеска и утре очекуваме уште неколку пациенти да бидат испратени надвор од државата, во Хрватска 4, Словенија 4, Австрија 6 и 12 пациенти во Белград во ВМА, рече Таравари.

Напомена дека ситуацијата комплетно е под контрола и очекувањата се да има што помалку компликации. Посочи дека се дадени задачи во Министерството за здравство да има екипи кои ќе комуницираат со пациентите кои се надвор од државата за да се известуваат семејствата и јавноста. Воедно, вели, и психолошки тимови ќе работат во Кочани и низ клиниките и болниците каде има потреба од поддршка.

Сите 20 критични пациенти кои се надвор од државата се релативно стабилни, засега нема промена во нивната состојба. Во текот на денешниот ден од Министерството ќе излеземе со контакт особи за сите болници каде се сместени наши пациенти, рече Таравари.

Истакна дека пациентите се испраќаат надвор од држвата со цел да бидат подобро третирани и во таа насока и болниците од другите држави прифаќаат и помал број пациенти.

И да одите во поголеми држави центри за изгореници нема и ако има капацитетот е помал. Имаме изгореници на 130 особи кои треба да се третираат и немаме капацитет за добро да се третираат, затоа ги делиме во повеќе држави, бидејќи сите прифаќаат одредена бројка. Сите пациенти кои се испратени се со изгореници од втор и трет степен, најкомплицираните, и веќе постојат ризици за инфекции. Не би сакале да се комплицираат случаите. Целта е да се третираат што подобро и во меѓувреме да бидеме подготвени за евентуални компликации или латентни случаи. Очекувам денес и утре да има и дополнителни пациенти кои може да се јават. Доктори веќе се пристигнати од повеќе држави, околу 15-тина кои ќе бидат распределени на клиниките каде има најмногу потреба, за да работат заедно со нашите колеги и да го споделат искуството, додаде Таравари.

Инаку, во Македонија досега се лекуваат 84 пациенти, а во странство 51 пациент. Вкупната бројка на повредени во нереќата во Кочани е 135.

Н.С.Ј.