Претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари вечерва побара поддршка од партиските органи за здружување со албанската опозиција.

Верувајќи непоколебливо во моите колеги партиски членови и во нашата заедничка визија, барам доверба дека Алијансата за Албанците ќе влезе во изборна трка со албанската опозиција, а заедно ќе го направиме најдоброто за оваа држава!, напиша Таравари на својот официјален фејсбук профил.

Одлуката, како што посочи, ја донел по неколку недели консултации, состаноци и длабоко лично размислување и време е јавно да ја објави својата позиција како партиски лидер во однос на парламентарните избори.

Имајќи ги предвид вредните и љубезни предлози на сите пријатели, членови и поддржувачи, избрав и да го слушам гласот на луѓето што денес зборува појасно од кога било. Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија, напиша Таравари.

Во објавата на Фејсбук Тарвари јавно го повикува партиското Собрание да го поддржи на ова, како што наведува, патување и заедно, да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена.

Никогаш оваа промена не била побезбедна и поранлива. Никој нема поголем кредибилитет од Алијансата да ја донесе оваа промена! На пат сме, на патеката сме поплочена од Арбен Џафери. Овој пат ќе нè води таму каде што припаѓаме, во големото европско семејство, секогаш негувајќи го постојаниот сојуз со САД и НАТО со кои ја делиме иста визија и исти вредности, се вели во објавата на Фејсбук.

Откако претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари јавно побара партиските органи да донесат одлука за настап со албанската опозиција на претстојните избори, генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога вечерва повика да се придржуваат на досегашната одлука – самостоен изборен настап.

Врз основа на медиумскиот интерес и општиот интерес, сакам да ве информирам дека Алијанса за Албанците нема разгледано ниту едно барање во нејзините партиски органи, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание во однос на предизборните коалиции. На сила е одлуката на Централното претседателство која едногласно беше изгласана да одиме сами на избори. Го повикувам Собранието на АА да го поддржи едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е: Алијанса за Албанците да излезе сама на Парламентарните избори 2024 година, напиша Лога на Фејсбук.

И поранешниот лидер, а сега висок партиски функционер, Зијадин Села, смета дека Алијанса за Албанците на претстојните избори треба да настапи самостојно.

OhridNews

Фото: МИА/Фејсбук