Во клиниките во Скопје се лекуваат 39 пациенти кои со повреди се здобиле во ужасот во Кочани. Од нив, 12 се во Клинички центар, 10 во стара Градска болница, 10 пациенти во „8-ми Септември“, а во приватните клиники 7 пациенти, информираше министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес конференција.
Добрата вест е што денеска испишуваме 12 пациенти и практично ќе останат 27 пациенти кои се лекуваат во болниците во Скопје. Во странство и понатаму се лекуваат 115 пациенти. Добра вест е што најверојатно едниот пациент денес се враќа од Белград на понатамошно лекување во Скопје. Пациентот е во добра општа состојба, ќе биде направена тријажа и ќе биде сместен на една од клиниките, рече Таравари.
На Детска хирургија, посочи, нема да има ниту еден пациен, ќе останат на Пластична хирургија, на Токсикологија, како и во стара Градска болница од каде 4 ќе бидат испишани.
Состојбата на пациентите кои се лекуваат надвор од државата, кај 4-5 пациенти за жал и понатаму е посериозна. Некаде имало и влошување, но докторите го даваат максимумот за да помине овој тежок период, рече Таравари.
Екипи од Пластична хирургија, информираше, веќе од денес се во Кочани каде треба да дадат помош на пациентите кои се пуштени на домашно лекување, а имаат изгореници од прв и втор степен, за да не доаѓаат до Скопје.
Веќе имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти кои по неколку недели ќе се вратат, додаде Таравари.
Н.С.Ј.