Охрид е најголемиот туристички бисер во нашата земја, кој поседува прекрасна природна убавина, богато културно наследство и поволна клима. Овие уникатни потенцијали во последните неколку години се надополнети и со поголема понуда на современи сместувачки капацитети, кои заедно со долгата туристичка традиција, создаваат услови за развој на модерен туризам. Токму затоа, централната и локалната власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз презема конкретни мерки, кои носат видливи резултати во овој сектор, изјави денеска на прес конференција претседателот на општинската организација нја СДСМ – Охрид Лазе Танески.
Кон охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ веќе се воспоставени нови директни линии до Виена, Малме и Милано, а од јули стартуваат и редовните авио линии кон Дортмунд и Меминген. Заедно со редовните линии кон Базел и Цирих, Охрид станува поврзан град преку целата година, што значително ќе влијае врз бројот на туристи и остварени ноќевања. Исто така за охридските туристички работници особено се важни директните чартер линии од Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, кои според најавите ќе продолжат да оперираат и во иднина. Важна улога во напорите за зголемување на бројот на туристи имаат и меѓународните саемски манифестации, на кои Агенцијата за промоција на туризамот, редовно го промовира Охрид како атрактивна дестинација. – искна Танески.
Претседателот на ОО СДСМ Охрид најави мерки и активности со кои Охрид ќе се приклучи на современите туристички текови кои наметнуваат потреба за поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам и туризам надвор од шпицот на сезоната.
Во соработка со туристичкиот сектор во Охрид, предвидуваме креирање на мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ. Веќе се изработува нова Стратегија за развој на туризам, а планирана е и подготовка на нов концепт за развивање и промоција на здравствениот, спортскиот, верскиот и конгресниот туризам. Тоа вклучува и организација на атрактивни манифестации надвор од летната сезона, како и настани за промоција на алтернативен туризам како што се посета на руралните подрачја, планинарење, велосипедски тури, летање со параглајдери, нуркање и спортови со пловни објекти. – рече Танески.
Танески истакна дека луѓето во СДСМ ги препознаваат приоритетите за развој на Охрид и цврсто се определени да работат посветено за да се постигнат и реализираат сите зацртани цели заедно со кандидатот за градоначалник Константин Георгиески.
OhridNews