Танец и Влатко Стефановски денес со концерт на Античкиот театар. По успешниот концерт на Танец и Влатко Стефановски во Скопје, во ноември годинава и големиот интерес за нивен настап надвор од земјава, неизостaвно е овој врвен проект да прозвучи и на домашните летни сцени.
Конечно, во рамките на проектот „Танец и Влатко“ овие два бренда ја делат сцената на голем концерт, за кој аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“ , „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии на „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери. Оваа врвна фузија, од која излезе уникатно парче музика, заслужено го живее својот продолжен концертен живот, дома и надвор од границите на земјата, информираат организаторите.
Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на Танец, се неизоставен дел од неговите изведби, Влатко, освен повремените еднократни настапи со Танец, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот.
Инаку, Влатко Стефановски е стар пријател на Танец, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Секогаш соработките со Танец ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост.
OhridNews