Со дефиле на фолклорниот ансамбл Бисери и целовечерен концерт на Националниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“, вчеравечер почна 57 издание  на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

На свеченото отворање, учесниците и бројната публика ги поздрави градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

  • Учесниците на Балканскиот фестивал на народни песни и игри и бројната домашна публика, но и посетителите од сите страни на светот, овие неколку дена, ќе го почувствуваат духот на древниот Охрид, градот на светлината, градот во кој секој оставал своја трага и приказна, градот во кој секој што дошол, сакал одново да биде дел од овој спокој и убавина. Да го споиме старото со новото, да ги споиме милениумското  културно и природно наследство и сегашноста. Охридските сокаци, улици и плоштади, ќе се разубават со сјајот и колоритот на носиите, песната и играта на повеќе народи и региони, како знак на нивниот културен идентитет. Во тој дух, посакувам уште едно успешно издание на фестивалот и упатувам порака за  почитување на различностите на Балканот како основа за едно ново современо единство, рече Стојаноски во обраќањето.

Фестивалот традиционално се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија,а со поддршка на Министерството за култура. Пред присутните пригодни обраќања имаа и Заменик претседателот на Собранието, Весел Мемеди и  директорот на ЦК „Григор Прличев“, Стрезо Стаматоски.

Во текот на четирите фестивалски ноќи на сцената во ЦК „Григор Прличев“ ќе настапат повеќе културно уметнички друштва  и фолклорни ансамбли  од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија.

Во рамки на фестивалот во  изложбениот центар на Центарот за култура беше отворена изложбата на влашки народни носии од колекцијата на  Доц. м-р. Ванѓа Димитријева- Кузманоска, а посетителите ќе можат да го видат и базарот на локални занаети.

Влезот за четирите фестивалски ноќи е слободен.

OhridNews

фото:Мега Продукција