Фудбалскиот клуб Струга Трим Лум со минималната победа (1-0) во дербито со Лабуништа ја продолжи битката со останатите екипи за првото место на табелата во Втората лига која гарантира пласман во елитната лига во Македонија.

Одлуката за победникот на дербито во Струга кое се одигра пред 1 500 гледачи падна во финишот од мечот. Џокер на Струга Трим Лум се покажа охриѓанецот Александар Целески кој од клупата влезе во игра и изнуди пенал после стартот на Дејан Лескароски. Ударот од белата точка во погодок вреден три бода го претвори Фљамур Таири.

– Нијансите кои беа на наша страна го одлучија победникот. Нашата желба за победа беше голема, иако натпреварот го отворивме многу лошо. Во првото полувреме тие имаа прилики кои не ги реализираа, истото го повторивме ние, само што постигнавме еден погодок. Со овој триумф стигнавме до четвртиот во серија и влегуваме во финишот од сезоната, каде што немам право на грешка. – изјави тренерот на Струга Трим Лум, Александар Танчески.

Серијата без пораз на Лабуништа запре на 15-от натпревар, но според тренерот на Пепи Џигероски клубот ја остварува првичната цел пред почетокот на сезона, а таа беше опстанок. – Во фудбалот победува оној кој ќе постигне погодок. На дерби мечот тоа го направи тимот на Струга Трим Лум која искористи една од шансите. Ние не постигнавме погодок од нашите прилики, а противникот сурово не казни. Ние како клуб пред почетокот на првенството си поставивме цел да опстаниме, а можам слободно да кажам дека половина од зацртаното имаме направено и Лабуништа и следната сезона ќе биде дел од второлигашкото друштво.

Втора МФЛ: Еден гол го реши дербито во Струга (фото)

Мх.П.