Водечкиот во генералниот пласман кај возачите во шампионатот на Формула 1, Макс Верстапен од Ред Бул, триумфираше на гтрката за големата награда на Унгарија што попладнево се возеше на патеката „Хунгароринг“.

Иако стартуваше од 10-та позиција поради промена на моторот и други компоненти од болидот, Холанѓанецот имаше одлична трка што надополнето со добрата стратегија на тимот му донесе нов триумф со кој ја зголеми предоста во генералниот пласман пред конкурентите.

Одлична трка имаа и возачите на Мерцедес. Хамилтон од 7 позиција заврши на второто место, а неговиот клупски колега Расел кој ја имаше пол-позицијата на крајот беше трет.

Најголем губитник е Ферари чии возачи стартуваа од 2, односно 3 позиција, но лошата тактика на тимот се чини дефинитивно го одалечи Леклер од борбата за титулата. Toj заврши на 6 место, додека неговиот тимски колега Саинц беше четврти. Помеѓу нив на 5 место се пласираше возачот на Ред Бул, Перез.

Во бодови уште завршија: Ландо Норис од Мекларен, Алонско и Окон од тимот на Алпин и четирикратниот првак Фетел во болидот на Астон Мартин.

Во Генералниот пласман кај возачите води Верстапен (Ред Бул) со 258 бодови, осумдесет повеќе од Леклер (Ферари) кој има 178, пред Перез (Ред Бул) 173. Кај конструкторите води Ред Бул со 431 бод, пред Ферари со 334 и Мерцедес – 303.

Во Формула 1 следи едномесечна пауза, а следната трка ќе се вози на 28 август на патеката „Спа Франкоршамп“ за Големата награда на Белгија.

Г.М.