Последните 15 години, откако почна засилената деградација на охридското крајбрежје и екосистемот институциите затаија и потфрлија. Институциите спијат, очигледно најдобро им е така, па дури потоа да се огласат, вели проф. д-р Трајче Талевски од граѓанската иницијатива Охрид СОС.
Талевски тука гледа дел од одговорноста за моменталната состојба во која се доведени Охрид и Охридското езеро, да го загубат статусот на заштитено светско наследство под УНЕСКО.
- Сега ние ќе бараме во Баку да се даде рок до февруари да ги реализираме сите оние законски и политички одлуки кои ќе се донесат. Мислам дека тоа е еден површен пристап кон целата проблематика. Треба да се делува брзо, едноставено и ригорозно да се постапува со сето она што не донело до ваквата ситуација, потенцира Талевски.
Додава дека очекувањата се дека охридскиот регион ќе биде ставен на листата на загозени подрачја и дека можеби ваквата интервенција на УНЕСКО ќе придонесе да сватиме со што располагаме и како треба да се менаџира овој простор.
- Очекувам дека охридскиот регион ќе биде ставен како загрозено подрачје, но олеснителна околност е тоа што во моментов се разговара и за приклучување на албанскиот регион како заштитено подрачје под УНЕСКО. Албанија прв пат влегува и не е фер или можно да биде ставена веднаш на листа на загрозени подрачја, вели Талевски.
Според него, премногу е доцна да се бараат решенија кои се поволни во моменталната ситуација.
- Од 19 дадени препораки само две или три се исполнети целосно, друго ништо не е направено. По препораките набрзина се направи список на диви градби на крајбрежјето, но ништо не е направено со депонијата на Буково, за автопатот и железницата нема алтернативни решенија, не е направен план за управување и ред други точки. Многу зависи и од одлуката што понатаму со дивоградбите. Мора се постапува како што тие бараат, а не како што ние сакаме, потенцира Талевски.
Во Баку-Азербеџан во моментов се одржува 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Присуствува делегација на Владата, во која учествува градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски. На неа се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион, кој поради негрижа и игнорирање на проблемите од сите досегашни власти во изминатите три децении, е под закана да го загуби статусот на заштитено светско наследство.
OhridNews