Еколошките теми последниот период доминираат на локалната сцена во Охрид. Дебатите околу Студенчишко блато, Националниот парк „Галичица“, сечењето на старите дрвја, урбанизацијата на крајбрежјето…. уште еднаш ги спротиставија тезите на стручните лица околу проекциите за идниот развој на Охрид, кој во голема мера се темели на искористување на вредното природно наследство, пред се на потенцијалот на Охридското Езеро.

Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод Охрид прави „Водена математика“, посочувајќи факти, поради кои, како што вели, треба да се заштити и зачува еко системот на Охридското Езеро.

„Езерото е долго околу 30 000 метри, широко околу 15 000 метри а просечната длабочина околу 150 метри. Ако сето тоа се помножи излегува дека во Охридско Езеро има околу 68 000 000 000 (шеесет и осум милијарди) метри кубни вода од прва категорија. Во светот има нешто повеќе од 7 000 000 000 (седум милијарди) жители или за секој жител од Охридско Езеро може да се обезбеди околу 10 000 литри вода. Ако пак се пресмета „вредноста„ на водата од Охридско Езеро на секој жител на Р.Македонија (два милиони) секој имаме „акции“ во вредност од 33 750 метри кубни или тони вода од прва категорија. За брзо време водата ќе биде поскапа од нафтата па секој имаме „право“ како наследници на природно богатство на Р.Македонија вредност од 33 750 метри кубни вода или нафта. Да ги оставиме настрана ендемизам, реликтност, УНЕСКО, биодиверзитет, природа, флора фауна и т.н. и т.н кои навистина немаат цена.“ – пресметува Талевски.

Според него овие податоци јасно говорат зошто екологијата треба да се стави во функција на економијата и зошто граѓаните треба да се залагаат и да не дозволат да се загадува и уништува Охридското Езеро.

„Тоа е богатството на Охрид и Македонија, тоа е богатството на Охридското Езеро, а не хотели, глисери, јахти, марини, плажи. Па сега видете сите што е подолгорочно и повредно. Сами одлучете.“ – вели Д-р Талевски.

OhridNews