Голема мотивираност, желба за глума, талент и исклучителен капацитет ја краси аматерската актерска група составена од ученици на Охридската гимназија, која подолг период работи на крими-претставата „Стапица за глувци“ (The Mousetrap) од Агата Кристи на оригиналниот, англиски јазик. Овој нивни потфат, поддржан од Општина Охрид, е прв обид на македонско училиште да се претстави пред широка публика на немајчин англиски јазик, и тоа со претстава што е предизвик од повеќе аспекти.

Атмосфера на пробата на претставата „Стапица за глувци“ (The Mousetrap) на охридските гимназијалци.

Професорката по англиски јазик и книжевност, Ана Топенчарова Коваческа, која ги подготвува учениците, вели случаен бил изборот токму на ова дело, а согледувајќи ги капацитетите на учениците забележала дека постои простор да се излезе надвор од границите на тоа што е предвидено по програмата за англиски јазик од страна на Министерството за образование.

Направивме анализа на делото и видов дека постои атмосфера меѓу самите ученици тоа дело да дојде на сцена. Направивме аудиција каде се пријавија ученици од прва до четврта година. Таков е и склопот на ученици кои се вклучени во самата претстава. Голем беше предизвикот да се работи на претставата со оглед дека јас сум професор, не режисер. Но, со помош на активот по македонски јазик, колешка која има доста искуство во драма, ги направивме финалните режисерски подготовки. Акцентот, изговорот на англиски јазик на учениците им е многу добар. Мотивацијата, желбата за настап е доста голема. Капацитетите ги поседуваме и за среќа ги користиме. Учениците успеваат да ги доловат улогите многу повеќе од тоа што очекував, потенцира Топенчарова Коваческа.

Ана Топенчарова Коваческа – Професорка по англиски јазик и книжевност.

До израз при подготовката на претставата доаѓа и талентот кај другите ученици вклучени во целокупната продукција, зад која компелтно стојат ученици од Гимназијата.

Одлучивме да видиме дали може целата продукција да ја довериме на самите ученици. Тие кои имаат капацитети се пријавија да изработат лого, да направат фотосесија, шминка, костимографија, тон, светло со цел да дадат придонес во продукцијата, посочува Топенчарова Коваческа.

 

Охридските гимназијалци ќе се обидат да ја доловат автентичната атмосфера од делата на Агата Кристи, неизвесноста и заплетот кој е својствен за оваа свтетски позната авторка.

Актерската екипа ја сочинуваат Бисера Вранишкоска – Mollie Ralston, Матеј Баткоски – Giles Ralston, Константин Групчев – Christopher Wren, Ема Богданоска – Mrs. Boyle, Наум Трендафиловски – Major Metcalf, Евгенија Ставрева – Miss Casewell, Димитар Велкоски – Mr. Paravicini и Елени Наумова – Sergeant Trotter.

  • Не е е многу тешко да се подготвува ваква претстава, бидејќи желбата е голема. Од друга страба не е ни лесно зошто е на англиски јазик, не на мајчин што дава тежина. Искрено сите мислевме дека ќе оди многу потешко учењето на текстот, ама со читање многу лесно го научивме и едноставно уживаме. Треба да има повеќе претстави во Охрид, повеќе младите да гледаат ваков тип претстави. Ние имавме можност во Прилеп да ја гледаме претставата на македонски јазик и беше многу убаво, вели Ема Богданоска.
  • Ја играм улогата на домаќин во куќата, во пансион каде доаѓаат гости, ќе дојде и полиција, ќе има убиство и треба да се истражи кој е убиецот.  Во поглед на тоа дали е тешко да се изведе ваква претстава, ќе речам кога се сака се е можно. Многу луѓе мислат дека глумењето е имитирање на некоја личност или улога, ама повеќе е како да се ставиме со истиот менталитет во таа личност и да пробаме да ја одглумиме преку нашите постапки. Емоцијалната интелигенција се развива преку глумењето и тоа не подобрува психички и физички, вели Матеј Баткоски.

Позади сцената екипата ја сочинуваат суфлер: Јана Каралиевска, тон, светло, реквизита: Марија Николоска, Мартина Тодороска, Исидора Маркоска, шминка: Јана Баткоска, Мелани Котоска, фотографија: Наум Стојаноски. Логото го изработи Ева Карамитре, додека промотивното видео Александра Наневска. Инстаграм страна ја креира Мина Петреска и Евгенија Вељаноска.

По премирната изведба на претставата во Охрид плановите се да се учествува на некој од Младински фестивали на драма во регионот.

Се надеваме дека ќе има таков квалитет самата премиера, за да можеме да се пријавиме, па ако бидеме прифатени, во септември би учествувале на некој фестивал, додава Топенчарова Коваческа.

Претставата премиерно ќе биде изведена на 25 април во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ со почеток во 19 часот. Билетите за премиерата се достапни за широката јавност.

Инаку, крими-драмата „Стапица за глувци“ (The Mousetrap) е најизведуваната претстава во историјата на театарот, носител на Гинисовиот рекорд со преку 30.000 изведби низ 73 години во Лондонскиот театар Св. Мартин.

Н.С.Ј.
Фото/видео: Г.М.