Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово, изјави на прес конференција претседателот на Србија, Борис Тадиќ, која се одржа по билатералните средби со претседателите на Црна Гора и Чешка.

Тој истакна дека тоа е принципиелна позиција на Србија која е во согласност со меѓународното право, рече Тадиќ. „Признавањето на независноста на таканаречената држава Косово претставува опасен преседан кој го дестабилизира не само регионот на Југоисточна Европа, туку и целиот свет“, рече Тадиќ. Според него унилатералната декларација за независност на Косово всушност претствува дестабилизација на светот која се заканува со насилство во многу сензибилни подрачја во светот. Србија со својата принципиелна политика не го крши меѓународното право туку го брани својот територјален интегритет и суверенитет и не сака да учествува во меѓународен процес кој го загрозува мирот во светот, додаде Тадиќ.

Тој истакна дека Србија по ниедна цена нема да отстапи од европските интеграции, но никој не може да ја уценува Србија со став околу Косово и никој никогаш не може го услови влезот во ЕУ со признавање на Косово. Тоа јас како претседател никогаш нема да го прифатам, рече Тадиќ.

Нa новинарска забелешка дека Србија се повикува на меѓународното право а не прави ништо околу фаќање на воените злосторници одговорни за војната во Босна, Тадиќ истакна дека Србија прави се’ сите обвинетите за воени злосторства да ги испорача на судот во Хаг. Тој притоа искажа големо незадоволство од ослободителната пресуда за поранешниот косовски премиер Рамуш Хајрадинај, истовремено поздравувајќи ја одлуката на обвинителството за покренување нов процес. Според него застрашувачки е што ослободителната пресуда се должи на убивање и застрашување сведоци во процесот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Тадиќ истакна дека сите земји од регионот, вклучително и тие кои како што рече ја признаа нелегалната држава Косово заслужуваат да имаат договор за соработка со ЕУ.

Запрашан како Србија ќе ја применува спогодбата за стабилизација и асоцијација истакна дека истата не се применува на Косово затоа што таму има меѓународна управа  на ОН, поистоветувајќи го овој случај со Кипар каде како што рече исто така не можеше да го примени зачленувањето во ЕУ на територијата на Северен Кипар.

Тадиќ е оптимист дека на претстојните избори во Србија ќе победат европските сили кои според него ја имаат подршката од народот кој принципиелно ќе донесе одлука во интерес на развојот и евроинтеграциите на Србија.

ohridnews