Околу математиката деновиве во Македонија се води сериозна дебата. И додека трае медиумската расправа на експертите и надлежните институции за и против концептот математиката да биде задолжителен предмет на матурата, што од друга страна предизвика реакции и протести кај средношколците, во реалноста успешните ученици на кои математиката им лежи и редат успеси на натпреварите каде и да се појават се соочуваат со проблеми. За најдобрите математичари нема пари од државата за учество на меѓународни натпревари. Таков е случајот со ученичката во трета година и стипендист на приватната гимназија „Јахја Кемал“ Сања Симоновиќ од Охрид. Таа е победник на општинскиот, регионалниот и државниот натпревар по математика и националната олимпијада, но поради недостиг на финансиски средства може да ги пропушти претстојните меѓународни натпревари за кои се квалификувала. Седумнаесетгодишната Сања, инаку првенец на генерација, е единствен ученик од Македонија кој оваа година обезбеди учество на најзначајните интернационални натпреватри по математика, балканската, европската и светската Олимпијада, кои ќе се одржат во Атина – Грција, односно во Минск – Белорусија и во Чијан Мај на далечниот Тајланд.
– Патните трошоци за да се отпатува на местата каде ќе се одржуваат овие олимпијади се прилично големи и моето семејство не може да ги плати. Затоа би сакала да апелирам до институциите во вид на спонзорство да помогнат.-истакна Симоновиќ.
Првиот од трите натпревари на Сања и претстои за неколку дена. Како дел од од четиричлената македонска репрезентација селектирана од Сојузот на математичари, таа треба да земе учество на Европската олимпијада за ученички во Белорусија. За настап на овој и другите интернационалните натпревари на Сања и се потребни околу 2000 евра за патни трошоци. Барање за поддршка било упатено до Министерството за образование и наука – МОН, други надлежни институции, како и до бројни компании, но собирањето на потребните средства, оди тешко.
– Добивме повратен одговор од МОН дека не се предвидени пари за вакви трошоци, исто така сме одбиени од некои други институции. – вели младата ученичка.
Таа по малку е разочарана од односот на општеството, бидејќи не може да го реализира постигнатиот успех на меѓународните натпревари.
-На некој начин делува демотивирачки. Доволно тешко беше да се стигне до тука, сега кога се стигна изгледаше дека ќе биде лесно, но воопшто не е така, дури може да се каже дека тоа е еден од главните проблеми во овој момент.-рече. Симоновиќ.
И покрај проблемите, Сања е оптимист. Што и да се случи, таа нема да се откаже од математиката, која останува нејзина животна определба.
– Па и покрај се да, математиката е љубов којашто си ја носам во себе, така да без разлика на се јас ќе продолжам со тоа да се занимавам.- рече Симоновиќ.
Бројните дипломи и признанија сведочат за успехот на младата Сања
Иако постои неизвесност околу патувањето, Сања продолжува сериозно да вежба и да се подготовува за претстојните натпревари. По кусата средба со нашата новинарска екипа, таа повторно и се врати на математиката, со надеж дека вложениот труд и бројните досегашни успеси нема да бидат залудни и сепак ќе се изнајде начин таа да отпатува на интернационалните натпревари.
Горан Момироски