Откако во петокот во Европа беа регистрирани рекордни 58.873 случаи на коронавирус во еден ден, Светската здравствена организација – СЗО испрати сериозно предупредување пред доаѓањето на есента кога се очекува враќање на луѓето во затворени простории, а со тоа и поголемо ширење на заразата.

Време е да престане „ловот на фатаморгана“ и да донесеме тешки одлуки за да ги заштитиме најранливите категории и да им овозможиме на децата да одат на училиште, дури и по цена на жртви. – изјави портпаролот за кризни ситуации на СЗО Мајкл Рајан.

Тој посочи дека притисокот од Ковид 19 ќе се зголемува како луѓето ќе се враќаат во затворени простории. Мора да се создадат услови младите и старите да учествуваат во социјалниот живот. Единствен начин за тоа е возразните да одржуваат доволно растојание (социјална дистанца) со што ќе помогнат да се намали бројот на заразени, додаде Рајан на виртуелната пресконференција одржана вчера.

Што е поважно, враќањето на нашите деца на училиште или отворањето на ноќните клубови? – запраша Рајан

СЗО смета дека покачувањето на бројот на новодијагностицирани може да се должи на зголеменото тестирање и следење на случаите. Но, СЗО предупредува дека пандемијата во некои земји сега достигнала повисоко ниво отколку во март и април. Овој тренд загрижува дотолку повеќе што вирусот ги напаѓа сите возрасти, а со враќањето на децата во училиштата може да го забрза неговото ширење.

Училиштата не смеат да се затворат, освен во краен случај и на места каде има големо ширење на заразата. – вели првиот човек на СЗО Тедрос Гебрејесус.

СЗО предупреди дека човештвото мора да извлече голема поука од пандемијата на Ковид 19 и многу подобро да се организира и подготви за колективен одговор, бидејќи следната пандемија може да ја опустоши човечката цивилизација.

Во извештајот на СЗО насловен како „Неорганизиран свет“ се истакнува дека актуелната пандемија е доказ за „колективната неспособност“ да се преземат и спроведат во пракса мерки за спречување на заразата. СЗО ги повикна државите да изградат системи и протоколи кои ќе можат ефикасно да одговорат на сличен здравствен предизвик во иднина. Се друго би имало катастрофални последици по животот кој го знаеме, како и по економијата која е сериозно разнишана од корона кризата.

Г.М.