Светската здравствена организација соопшти дека работи на изработка на упатства за употреба на лекот „ремдесивир“ за третман на пациенти со Ковид-19, кои треба да бидат објавени за три до четири недели.
Комисијата на СЗО ќе се состане следната недела за да ги разгледа записите за ефикасност на лекот произведен од компанијата „Гилид сајенсиз“.
Главниот научник на СЗО, Сумја Сваминатан рече дека се надева дека пратениците и телата што работат на изработка на упатства за лекување на Ковид-19 во земјите низ целиот свет, меѓу другото, ќе ги земат предвид резултатите од истражувањето.
Соединетите Американски Држави издадоа целосно одобрување за употреба на „ремдесивир“ за третман на пациенти со Ковид-19.
Сепак, обемна студија спроведена од СЗО на почетокот на оваа година покажа дека лекот најверојатно немал ефект врз стапката на преживување на хоспитализираните пациенти вклучени во истражувањето.
Американските компании продолжуваат да ја тестираат вакцината против Ковид-19
Фармацевтската компанија „Астра Зенека“ ќе продолжи со клиничките испитувања на својата експериментална вакцина против Ковид-19 во САД, откако ќе добие одобрение од надлежните органи, а „Џонсон и Џонсон“ исто така се подготвуваат да продолжат со тестирање на својата вакцина.
„АстраЗенека“ ги прекина клиничките испитувања во САД на 6 септември, откако на волонтер кој учествуваше во испитувања во Велика Британија му беше дијагностициран трансверзален миелитис.
Компанијата соопшти дека не е невообичаено волонтер да се разболи за време на клиничките испитувања и дека Управата за храна и лекови на САД ги разгледала записите за безбедност на вакцините собрани во испитувањата ширум светот и заклучила дека тестирањата може да продолжат.
„АстраЗенека“ минатиот месец ги продолжи тестирањата во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка, иако Управата за храна и лекови сè уште ги проучуваше записите за безбедност на вакцините во тоа време.
„Џонсон и Џонсон“ го прекинаа испитувањето минатата недела затоа што еден доброволец се разболел.
Компанијата соопшти дека ќе продолжи со клиничките испитувања затоа што нема докази дека волонтерот се разболел поради вакцината.
Компанијата наведува дека испитувањата ќе започнат повторно во понеделник или вторник, а податоците за ефективноста на вакцината треба да бидат достапни до крајот на оваа година или почетокот на следната година.
Исто така, компанијата има намера да разговара со властите на други земји и да продолжи со испитувањата таму.
Околу една четвртина од Американците велат дека не се сигурни дали би примиле вакцина против Ковид-19.
OhridNews