Светската здравствена организација – СЗО прогласи петти степен на опасност од пандемија на свински грип, што значи дека вирусот од оваа болест е широко распростаранет и се пренесува од човек на човек.
Тоа е претпоследно ниво од вкупно шест, а последниот шести степен значи дека болеста е надвор од контрола. За сериозноста на состојбата говори фактот дека СЗО во последните 25 години не прогласила 4 степен на опасност од пандемија.
Во меѓувреме бројот на смртни случаи од свински грип во Мексико достигна 159, а околу 2 500 се заразени. Во Тексас почина 23 месечно бебе, што е прв смртен случај регистриран во САД.
Случаи на свински грип се регистрирани и во повеќе европски држави, поради што францускиот претседател Саркози предложи затворање на европското небо за патниците од Мексико. Експертите стравуваат од натамошно ширење на вирусот „H1N1“, кој според испитувањата сеуште има умерен интензитет, но ќе се развива и ќе стане уште поопасен.
Македонија го подигна нивото на заштита. Се контролираат патниците кои влегуваат во земјата и се подготвуваат оперативни планови за справување со евентуална пандемија. Земјата располага со 13000 пакувања од лекот „тамифлу“ кој се дава на заболените во првите 48 часа од инфекцијата, а се планира увоз на дополнителни 200 000 пакувања од овој лек.