Светската здравствена организација (СЗО), по повод 75-годишнината, предупреди на зголемен недостиг на персонал во глобалниот здравствен систем, јави ДПА, цитирајќи ја изјавата во Женева на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

До 2030 година светот ќе има недостиг од околу 10 милиони специјалисти. Додека светот закрепнува од пандемијата на Ковид-19, ги повикуваме сите земји да ја заштитат и инвестираат во својата здравствена работна сила, изјави Тедрос.

Тој додаде дека „нема здравје без здравствени работници“.

Од почетокот на пандемијата, околу 50 отсто од персоналот го напуштил секторот. Дури и пред да се случи тоа, многумина мораа да работат за премали плати и во опасни услови, рече Гебрејесус.

Според него, иако жените сочинуваат речиси 70 отсто од здравствените работници, тие се помалку од една четвртина од менаџерите и често се изложени на насилство на работното место.

Светската здравствена организација е основана на 7 април 1948 година, кога стапи на сила Уставот на СЗО. Оттогаш, според Тедрос Гебрејесус, очекуваниот животен век ширум светот значително се зголемил, а смртноста на мајките и децата нагло се намалила во последните децении. Големи успеси се постигнати и во борбата против маларијата, туберкулозата и ХИВ позитивните.

Сепак, има драматично зголемување на дијабетесот и прекумерната тежина. Генералниот директор на СЗО, исто така, истакна дека речиси 2 милијарди луѓе ширум светот се соочуваат со финансиски тешкотии бидејќи треба да ги платат сами медицинските трошоци.

OhridNews