Експертите на Светската здравствена организација (СЗО), оценија дека мобилните телефони „можат да бидат канцерогени“. Нивото на  опасноста од заболувања од рак предизвикани од мобилните телефони ја ставаат во категоријата 2Б, пренесува „Макфакс“.

Со ставањето на мобилните телефони во групата на 2Б, тие и се придружуваат на стаклената волна или бензинските испарувања.

Со ова опасноста од можно заболување од рак предизвикано од мобилните телефони за прв пат е посочено од страна на СЗО и тоа ќе доведе до подолготрајни епидемиолошки студии, кои ќе ги опфатат новите интензивни корисници на мобилните телефони од новите генерации.

„Доказите, кои продолжуваат да се собираат, се доволно силни за да се оправда нивната класификација во категоријата 2Б“, изјави Џонатан Самет, претседателот на работната група на СЗО.

Експертите на СЗО ги проучија сите досегашни студии за ризиците од рак предизвикан од мобилните телефони, односно од „електромагнетните полиња на радиофеквенциите“. Овие епидемиолошки студии покажуваат дека постои зголемување на ризикот од глиом, редок вид на рак на мозокот или други тумори.

Советот и препораката од СЗО е до корисниците на мобилните телефони да преземат практични превентивни мерки, како користење на слушалки и испраќање на СМС, кои го намалуваат зрачењето за десет пати.

Повеќе невладини организации веќе подолго време предупредуваат на опасностите од мобилните телефони.

„Започнувајќи од денес, никој повеќе не може да каже дека ризикот не постои. И секој на свое ниво – политичарите, операторите, работодавачите, корисниците, родителите… сите треба да водат сметка„, нагласува Жанин Ле Калвез од невладината организација „Приартем“.

Француските телефонските оператори, од своја страна оценија дека со изборот на СЗО да ги стави мобилните телефони во категоријата 2Б не е докажана поврзаноста на користењето на мобилните телефони и можните заболувања од рак.

OhridNews
извор: „Макфакс“