Издувните гасови од дизелските мотори кај луѓето предизвикуваат карцином и спаѓаат во истата потенцијално смртоносна категорија како азбестот, арсенот и иперитот, објави Светската здравствена огранизација (WHO– СЗО), пренесува „Макфакс“.
Експертите коишто тврдат дека резултатите од нивните истражувања се исти и втемелени на „силни“ научни докази, апелираат до луѓето да ја намалат изложеноста на дизелските издувни гасови секогаш кога тоа е возможно.
Во соопштението коешто најверојатно ќе предизвика вчодовиденост и негодување меѓу производителите на возила, Меѓународната организација за истражување на карциномот (ИАРЦ), оддел на СЗО за ракот, дизелските издувни гасови ги премести од листата 2А (можни канцерогени) во групата 1 (материи коишто дефинитивно имаат поврзаност со појавата на ракот).
„Работната група составена од експерти утврди дека издувните гасови од дизелските мотори предизвикуваат рак на белите дробови, а позитивно се поврзани и со зголемениот ризик од појава на рак на мочниот меур“, се наведува во соопштенеито на СЗО.
Одлуката за објавување на оваа информација е донесена по еднонеделниот состанок на независните експерти коишто ги проучиле најновите научни докази за штетноста на издувните гасови. Раководителот на работната група на ИАРЦ, Кристофер Портие, изјави дека одлуката на групата била донесена едногласно.
Издувните гасови од безнинските мотори, пак, и натаму се во категоријата „можни канцерогени материи“.
Реагирајќи на ова соопштение, извршниот директор на Форумот за дизелска технологија со седиште во Вашингтон, Алан Шајфер, изјави дека производителите на дизелски мотори, индустријата за производство на горива и производителите на филтери, вложиле милијарди долари во технологии и стратегии за намалување на емисиите на штетните гасови.
„Новата технологија на дизелските мотои која користи дизел гориво со мал удел на сумпор, напреден систем за контролирање на емисијата на штетните гасови, ја намалија речиси на нула емисијата на азотни оскиди, јаглеводороди и штетни честички“, вели Шајфер во писмената изјава.
извор:„Макфакс“