Глобалниот проект за борба против коронавирусот АЦТ Акцелератор има потреба од 22,1 милијарди долари за финансирање, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.

Организацијата објави нова стратегија и буџет за проектот за 2021 година.

Моментно 11 милијарди долари се доделени за AЦT Акцелератор, но сè уште се соочуваме со недостиг на финансирање од 22,1 милијарди долари. Ги повикуваме земјите целосно да го финансираат AЦT Акцелераторот како најдобра инвестиција во глобалното закрепнување, истакна шефот на СЗО на брифинг.

Гебрејесус нагласи дека ова е само мал дел од над 13 трилиони долари. Оваа сума, според ММФ, досега ја трошеле земјите со високи приходи за фискален стимул.

Генералниот директор на СЗО, исто така, наведе бројни итни прашања, вклучително појава на нови мутации на коронавирусот, ограничено снабдување со вакцини, одложувања при воведувањето на нови дијагностички средства и кислород и недостиг на финансиски средства во борбата против Ковид-19.

Меѓународното партнерство АЦТ Акцелератор под покровителство на Светската здравствена организација започна на 24 април 2020 година. Проектот е инициран од СЗО, ЕУ, Франција и филантропите Бил и Мелинда Гејтс.

OhridNews