Светската здравствена организација – СЗО ги ажурираше препораките и упатствата до владите за заштита од коронавирусот Ковид 19. СЗО сега препорачува сите да носат заштитни маски за лице на јавни места каде постои ризик од пренесување на коронавирусот, за да се намали ризикот од ширењето на пандемијата.

Светската здравствена организација ја промени стратегијата

СЗО укажува да се носат маски текстил, т.е. немедицински маски, додека медицински маски треба да носат само заболени лица и тие кои ги лекуваат, односно ангажираниот медицински персонал.

Оваа мерка веќе ја имплементираме кај нас, покрај физичкото растојание и честото миење на раце. Задоволен сум што носиме вистински одлуки за заштита на здравјето на нашите граѓани. Апелирам да продолжиме да ги почитуваме мерките и заеднички да придонесеме кон спречување на ширење на овој вирус. – напиша денеска на социјалните мрежи министерот за здравство Филипче.

СЗО: Превентивно на отворено треба да се носат само маски од текстил, односно немедицински маски

Сепак Светската здравствена организација укажува дека маските се само една во низата превентивни „алатки“ за заштита и никако не смее да се создаде чувство на лажна сигурност. Здравствените експерти потсетуваат дека и натаму е важно да се почитуваат основните препораки за заштита, односно да се држи потребното растојание, често миење на раце и дезинфекција на просториите и работите кои се користат и да се избегнува групирање, особено во затворени простории.

OhridNews