Двете тешки сообраќајни несреќи во два дена во кои загинаа двајца млади луѓе, го отворија прашањето за безбедноста во сообраќајот во Охрид.

Од СВР Охрид велат дека главна причина за големииот број сообраќајни несреќи ова лето е недисциплината на возачите. „Констатирано е дека прекршоци во сообраќајот прават сите учесници, од пешаците до возачите“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Пешаците ги преминуваат улиците на необележани места, а возачите пак зборуваат на мобилен додека возат, не ја почитуваат хоризонталната и вертикалната сигнализација и возат побрзо од пропишаната брзина, додава Димоски. Тој информира дека полицијата постојано врши контроли и дека против сите прекрштели на сообраќајните прописи се поднесуваат соодветни пријави


Стефан Димоски – СВР Охрид

Покрај ниското ниво на сообраќајна култура, една од причините за сообраќајните несреќи е и патната инфраструктура која не е проектирана да прими триесет и повеќе илјади возила на туристи, како што тоа беше случај изминатиот викенд. Ќе треба секако да се размислува за подобрување на сообраќајната инфраструктура вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.


И додека полицијата укажува на сообраќајната недисциплина, граѓаните кои живеат на булеварот „Туристичка“ секојдневно се жртви на дивеењето на несовесни моторџии. Тие се жалат дека навечер булеварот е претворен во тркачка патека по која беснеат моторцикли. Тие стравуваат за својата безбедност поради што бараат од полицијата да преземе соодветни мерки против несовесните возачи.

Ohridnews