Вчера околу 17 часот на магистралниот пат Охрид-Ќафасан кај селото Мислешево, инспекторите на СВР Охрид во содејство со инспекторите за борба против дрога  од полициската станица во Струга спроведоа успешна акција за спречување и пресекување меѓународен илегален канал за дрога. 


Се работи за  чиста опојна дрога „марихуана“    која е запленета  во патничко моторно возило  марка „опел астра“со скопски регистерски табли. Дрогата  е одземена од страна на инспекторите и е предадена на вештачење во Министерството за внатрешни работи.


Полицијата има егзактни податоци за  вклучените во овој вид криминал. „Се работи за 5 лица од кои две се од Скопје, две од Охрид, а еден е албански државјанин.  Четворица од нив  се лишени од слобода, додека  едно лице од Охрид е во бегство и полицијата презема мерки за негово пронаоѓање“ , изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

-Со цел расчистување на случајот, од слобода лишени се лицата: Д.Ф. роден 1979 и Ф.А. роден 1979, двајцата од Скопје, З.И. роден 1990 година од Охрид и М.А. роден 1969 во Либражд Република Албанија. Против нив е поднесена кривична пријава за основано сомнение дека се сторители на казнено дело ,,Неовластено производстви и пуштање во промет на нарко- тични  дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Лицата лишени од слобода се предадени на Одделението    за Оганизиран криминалитет при Јавното Обвинитество во Скопје. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на уште едно лице кое е во бегство за кое има сознанија за можна поврзност со случајот, рече Димоски.


Опојната дрога “марихуана “ чија што тежина е околу 4 килограми е пронајдена на задното седиште од автомобилот, во четири пакетчиња обвиткани во селотејп-трака. Како што изјави портпаролот Димоски, таа била наменета за илегалниот пазар во Скопје, а нејзината цена на илегалниот пазар во Македонија се движела околу 2,5 илјади евра.

А.Ристоска