Во рамките на превентивната кампања „Мојот полицаец“, децата од предшколска возраст од централната детска градинка „Јасна Ристеска“ ја посетија полициската станица за безбедност во сообраќајот-Охрид.

Притоа, на најмладите им беше презентирана дел од опремата и материјално техничките средства што ги користат сообраќајците во секојдневната работа како и полициските возила и моторциклите што, предизвика најголем интерес кај децата. Во разговор, полициските службеници на децата од детската градинка им објаснија колку е важно да се почитуваат сообраќајните знаци и како треба безбедно да се учествува во сообраќајот, информираат од СВР Охрид.

Целта на превентивната кампања „Мојот полицаец“, додаваат, е приближување на полицијата до децата како најмала категорија на граѓани, развивање на нивната безбедносна култура, развивање на чувство на припадност и прифаќање на полицијата како нивен пријател. Во рамките на кампањата, ќе бидат вклучени и деца од другите градинки.

Отсекот за превенција при СВР Охрид, во рамки на кампањата „Безбедни матурски прослави“, во Охрид и Кичево, организираше едукативно – превентивни работилници во неколку средни општински училишта.

Притоа, на работилницата наменета за матурантите, полициските службеници, низ интерактивна комуникација, ги запознаваа учениците со потребата од безбедно прославување на матурските вечери, избегнување на користење алкохол а посебно неуправување моторни возила под дејство на алкохол, зачувување на јавниот ред и мир за време на матурските прослави но и за одговорностите со кои би се соочиле доколку има кршење на соодветните законски обврски и непочитување на законските правила и прописи, велат од СВР Охрид.

Потенцираат дека оваа превентивна активност ќе се реализира и во Струга и Дебар.

OhridNews