Охридската полиција поднесе кривични пријави за „убиство“ против осум лица за вчерашното претепување до смрт на српскиот турист Дејан Новаковиќ (1976) од Белград.  
Седуммина од пријавените се македонски државјани кои се веќе приведени, а еден српски државјанин кој засега е недостапен на надлежните. Еден од нив е осомничен и за „помагање на сторител по извршено кривично дело“, соопшти МВР.

Заедно со доказниот материјал во текот на денов пред надлежниот истражен судија ќе бидат изведени охриѓаните К.М.(1976), Н.Ѓ.(1984), Ш.П.(1980) од с.Велгошти, Ј.И.(1984), Ч.Б.(1984) од с.Мешеишта, Ш.Ј.(1979) од с. Велгошти и Ѓ.Ј.(1985) од с.Мешеишта, а по Ѓ.Д.(1981) од Лесковац, Србија, ќе биде распишана потерница.

Осомничените биле идентификувани доцна синоќа.

Според првичните наоди од обдукцијата врз телото на починатиот, потврдено е дека срцето престанало да работи како резултат на силен удар со тврд и тап предмет во градите, додека при извршениот лекарски преглед врз другарот на починатиот нема констатирано тешки телесни повреди.

При увидот што го извршиле СВР Охрид,  јавен обвинител и истражен судија, во клубот „Куба Либре“ лоциран на ул. „Партизанска“, како и во неговата поблиска и поширока околина, се пронајдени и подигнати траги од крв и е извршено фотографирање на местото.

Во текот на истрагата на разговор се повикани 25 сведоци, а е извршен разговор со вкупно 43 лица (осомничени, сведоци, вработени во објектот, оштетениот).  Одземен е целокупниот систем за снимање во клубот „Куба Либре“ кој ќе биде доставен до одделот з акрим техника при МВР за преглед на хард дискот бидејќи е избришан видео записот за критичниот период. Одземени  се и прегледани видео снимки од повеќе објекти во околината на ноќниот клуб „Куба Либре“, извршен е претрес  во дом и други простории  кај седум осомничени  лица по претходно обезбедена наредба за вршење претрес од Истражен судија, а во тек е изготвување барање за обезбедување наредба за вршење претрес кај други две лица.

Во текот на истрагата, времено се одземени делови од облека (маици, фармерки, патики) од четири лица кај кои е извршен претрес, за да изврши анализа, земена е плунка за ДНК анализа од 5 лица, а од 3 лица земени се микротраги од под нокти

Полицијата од преземените мерки и активности констатирала дека околу три часот вчера изутрината во физичката пресметка пред влезот од објектот, осуммината осомничени физички го нападнале Дејан со удари со раце и нозе, соборувајќи го на плочникот пред влезот од објектот. Сакајќи да му помогне, неговиот другар Г.П. се обидел да го извлече од опкружувањето, но и тој бил физички нападнат од истите лица. Во тој момент Дејан успеал да се оттргне и се дал во бегство упатувајќи се кон градскиот плоштад и по уллицата „Свети Климент Охридски“, скршнал пред обложувалницата „Премиер“, ја поминал ул.„Бул.Македонски Просветители“ и стигнал пред влезот на објектот од Поштата, каде го стигнале осомничените, го собориле на плочникот и со удари со раце и нозе во пределот на телото му нанеле тешки телесни повреди, од кои починал на лице место.

По настанот осомничениот Н.Ѓ. со намера да им помогне на лицата учесници во настанот да не бидат откриени, ја избришал датотеката од компјутерот во кое стои видео записот од безбедносните камери поставени во ноќниот клуб, а се однесува на критичниот период кога е сторен настанот. Исто така и наредил на вработената во објектот како хигиеничарка да ги исчисти трагите од крв во дел од објектот каде што немала задолжение да чисти.

OhridNews
Извор: МИА / МВР