Сообраќајната единица на млади и официјално ќе профункционира во првиот месец од 2009-та најавија од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Нивната униформа беше промовирана вчера кога се сумираа и резултатите на ова тело за сработеното во 2008-ма.
„Преку проектните и програмските активности успеавме да дојдеме до формирање на единицата како граѓански-цивилен дел којшто активно ќе учествува заедно со институционалниот дел во безбедноста и регуирањето на сообраќајот“, изјави координаторот во советот за безбедност Љупчо Милковски.
„Младите луѓе се најважниот ресурс па токму затоа единицата е составена од ученици во сообраќајната струка на ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ кои ќе го заменуваат СВР Охрид во делот на регулирањето и безбедноста на сообраќајот“ додаде Милковски.
Според него, 12 членови колку што брои единицата во текот на учебната година ќе бидат распределени во близина на градинките и училиштата, а во текот на летото ќе ги има и на главните сообраќајници во Охрид каде покрај регулирањето на сообраќајот ќе имаат задача да ги придружуваат и делегациите при посетата на културно-историските споменици во градот.
Единицата веќе ја помина обуката спроведена од стручни кадри, а нејзините членови покрај англискиот, имаат познавање на некој од јазиците на кои говорат етничките заедници во регионов. Покрај етничката ја има и половата застапеност.
Законот за безбедност на сообраќајот на Република Македонија е синхронизиран со европското законодавство и дава можност за формирање на вакви единици.
А.Р.