СВР Охрид ги резимира податоците за изминатата летна сезона во однос на извршените казнени дела, сообраќајни незгоди и прекршоци. Од секторот со оценка дека безбедносната состојба била стабилна и поволна.
Во Јули и Август, во Охрид регистрирани се 128 казнени дела што преставува намалување за 15 % во однос на 150-те казнени дела регистрирани во истиот период лани. Во летниот период регистрирани се 10 тешки кражби во куќи и станови, 16 кражби на плажи, 2 кражби во патнички моторни возила, 9 кражби од автобуси и 12 казнени дела извршени на улица.
– Сите сторители се пронајдени и против нив поднесени се кривични пријави. Најчесто се одземаа мобилни телефони, паричници, лап-топ компјутери и паричници од плажите а нафта од автобусите. Од домовите и становите се одземаа пари, накит и бела техника, информираат од СВР Охрид.
Во делот на јавниот ред и мир, немало нарушувања од поголем обем, како и казнени дела со елементи на насилство. Во Јули и Август годинава, регистрирани биле 76 прекршоци што преставува намалување во однос на 135 прекршоци извршени во истиот период лани. За 47 проценти намален е бројот на сторителите на овие прекршоци.
Во текот на сезоната се случиле 108 сообраќајни незгоди што преставува зголемување од 23 проценти во однос на минатогодишните 88 сообраќајни незгоди. Притоа, 47 лица се здобиле со лесни а 14 со тешки телесни повреди.
– Тоа е намалување за 14 односно 12 проценти во однос на истиот период минатото лето. Ова лето во случените сообраќајни незгоди, 4 лица го загубиле животот. Во сообраќајните несреќи настрадале 17 возачи, 28 сопатници, 9 пешаци, 4 моторциклисти и 4 велосипедисти, велат од СВР.
Според извршените анализи, непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и преголемата брзина биле основните причини за сообраќајните несреќи. Освен нив и како причини се наведуваат и непрописното престигнување, неотстапување на првенство, недржење страна, правец и растојание, управување под дејство на алкохол и неправилно движење на пешак.
OhridNews