Два дена јавноста во Охрид е опсипана со различни информации кои молњевито се проширија на социјалните мрежи и медиумите за инцидент кој во официјалниот билтен на полицијата, вчера, беше кусо опишан како вербална расправија која се случила на улица „Сирма Војвода, а во која биле инволвирани повеќе лица, меѓу кои и вработени во Општата болница и директорот на установата. Случајот во СВР Охрид го пријавиле две млади лица од Охрид, со тврдење дека биле физички нападнати од повеќе лица и бараат расчистување на случајот.
Повикувајќи се на извори од истрагата, дел од онлајн медиумите, пак, објавија дека наводно жестоко се расчистувале љубовни проблеми.
Денеска реагираше ЈЗУ Општа болница Охрид, која ги отфрла наводите за наводна инволвираност на директорот на установата во инцидентот во контекст пренесен во дел од медиумите. Од установата тврдат дека всушност директорот на болницата делувал во насока на заштита на вработена, која во повеќе наврати во полицијата пријавувала сериозни закани од едно од инволвираните лица во случајот, пријавители на вчерашниот инцидент. Тоа, тврдат оттаму, го направила и установата, која исто така реагирала до полицијата за проблемите на својата вработена со барање за нејзина заштита.
Директорот на болницата Д-р Горан Балевски исто така ги отфрла наводите, за кои вели дека штетат, пред се на установата со која раководи во едно сложено време на корона криза, бидејќи Општата болница во Охрид работи како Ковид центар. И тој бара надлежните институции да го расчистат случајот и да постапат по претставките на установата и нивната вработена.
Од СВР Охрид го потврдија инцидентот, но се воздржаа од коментар на изнесените различни наводи во јавноста, посочувајќи дека во тек е истрага која треба да ги расветли околностите за вчерашниот случај, кој, според пријавата доставена до полицијата се води како вербална расправија.
OhridNews