Со цел доследно спроведување на хигиенско-безбедносните протоколи за работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана во Охрид и поголема заштита од вирусот Ковид 19, денеска СВР Охрид одржа работен состанок со претставници на угостителските објекти и надлежниот пазарен инспекторат.

На угостителските работници им беше нагласена неопходната примена и строго придржување до сите одредби на владата и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со цел спречување на внесување и ширење на заразниот вирус, придржување до работното време и до другите одредби од Законот за угостителска дејност. Во тој контекст, потсетувањето од Цветко Ристески, началник на пазарната инспекција и од претставниците  на СВР Охрид, беше околу неопходноста од поставување на соодветни средства за дезинфекција на секоја маса, задолжителното растојание до 2 метра помеѓу масите,  задолжително носење заштитни маски и зачестена хигиена на рацете за вработените во објектите, почитување на ограничувањата за дозволен број на гости,   послужување само на оние гости кои може да седат или преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, забрана за послужување на гости на шанк и стоечки маси. – се вели во соопштението од СВР Охрид.

На состанокот беше потврдено дека угостителските објекти не можат да организираат музички настани на отворен и затворен простор и дека е задолжително менаџирање со редарски служби на влегувањето на гостите. Угостителите, свесни за опасностите и за потребата од зголемена заштита од Ковид 19,  кажаа дека протоколот за работа не е комплициран, изнесоа конкретни ситуации со гостите од досегашното спроведување на безбедносните протоколи и побараа толкување со цел, елиминирање на недоразбирањата со нив но и со надлежните институции кои вршат контроли.

OhridNews