Секторот за внатрешни работи Охрид, презеде иницијатива за формирање на локален клуб на Интернационалната Полициска асоцијација „ИПА“ која ќе се одвива под менторство на хрватската „ИПА“ асоцијација.

Порпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски, денеска пред новинарите појасни дека активностите утврдени изминатите неколку дена со претставниците од ИПА од Хрватска се насочени кон што поскоро формирање на локалниот клуб ИПА за Македонија, инициран од СВР Охрид.


Локален „ИПА“ клуб, покрај во Охрид, ќе се формира и во Битола.

Милјенко Видак, началник на Оперативно-комуникацискиот центар на Полициската управа – Приморско–горанска и претставник на ИПА Хрватска, истакна дека во септември полицајците од СВР Охрид и Битола ќе добијат членски карти како потврда на нивното членство.


Интернационалната полициска асоцијација претставува најголемо гранково здружение на полициите во светот, со членство од над 300 илјади службеници од 63 држави. Целта на оваа асоцијација која е регистрирана во Советот на Европа и Обединетите нации, е да ги негува пријателските односи и меѓусебното помагање на полициските службеници во земјата и светот, да ја олесни размената на професионални искуства и да ја унапреди меѓународната полициска соработка.

Ohridnews