Бројот на оштетени во градежната афера во Охрид расте информираше денеска началникот на Секторот за внатрешни работи-Охрид, Стефан Буџакоски.

„Во 2007 година оштетени се 9 граѓани за 205.000 евра, а во 2008 година бројот на оштетени се зголеми кои се измамени за дополнителни 199.000 евра. За жал можеме да констатираме дека оваа бројка не е конечна, бидејќи  сеуште пристигнуваат пријави на оштетени граѓани од повеќе градови од републиката, и мислам дека и натаму ќе продолжи пријавувањето на измамените граѓани“, ни изјави началникот на СВР Охрид, Буџакоски.


Стефан Буџакоски-началник на СВР Охрид

Осомничениот за аферата, македонскиот државјанин Милчо Најдески, инаку  сопственик на агенцијата за недвижности „Центар“ од Охрид, сеуште е недостапен за органите на прогонот, исто како и бугарската државјанка Јулијана Антова која се сомничи за помагање. „Против граѓанинот од Охрид е распишана централна потерница. Имаме сознанија  дека истиот се наоѓа во една странска држава но во интерес на истрагата не можам  во моментов да ви кажам за која држава се работи“, ни изјави Буџакоски. Тој информираше дека против двајцата осомничени се трага со помош на меѓународната полиција.

Најдески се товари дека во зградата која требало да се изгради на имот на бугарската државјанка Јулијана Антова на ул. “Димитар Влахов“ во Охрид со вешта измама оштетил најмалку  20 граѓани. Тој еден ист стан продавал на повеќе лица, а на сличен начин оштетил и поголем број други граѓани кои авансно му платиле за стан во новоградба во центарот на Охрид.

Г. Момироски