Свиснкиот грип кој започна да се шири од северноамериканскиот континент пристигна од другата страна на Атлантикот во Европа.
Случаи на заразени од свински грип регистрирани се во Шпанија, Франција и Шкотска. Се стравува дека новиот, досега непознат вирус кој е комбинација на свински, птичји и човечки грип, ќе продолжи да се шири. Вакцина за него сеуште нема, а државите секоја поединечно се справува со потенцијалната опасност.
ЕУ свика итен состанок на ниво на министри за здравство, а се поголем е бројот на државите кои го забранија увозот на свинско месо од Мексико и САД. Забрана за увоз на живи свињи од ризичните земји денеска на сила стапува и во Македонија.
Надлежните ја смируваат јавноста и велат дека место за паника засега нема. Состојбата, велат тие, се следи будно, но засега без препораки и ограничувања за патување.