По повод  одбележувањето на 110 години од херојската смрт на охридскиот војвода Христо Узунов, претпладенево беше положено цвеќе на бистата на херојот во градскиот парк, а свеченостите што ги организира Општина Охрид, продолжија со поклонение за војводата пред  спомен обележјето на неговата херојска погибија  во селото Цер- Кичевско.

Пред спомен обележјето во селого Цер, се одржа панахида за Христо Узунов, а свежо цвеќе положија бројни делегации. Присутните  ги поздрави и пригоден говор одржа градоначалникот Никола Бакрачески.

– Опколени од бројна османлиска војска, на 24 април  во далечната 1905 година , овде се одвивала церската драма која ќе прерасне во епопеја во која, во името на слободата на Македонија,  Христо Узунов одлучува наместо од туѓ, животот да си ги одземат со својот последен куршум. Со самото доаѓање на овој простор, сеуште се чувствува духот на овој голем ,херојски саможртвен подвиг, кој секого го прави горд што е Македонец , кога посилно чука срцето и интензивно бијат дамарите.Подвигот, овде во Цер во 1905 година, всушност се појавува како достоен крај на животот, целосно посветен на борбата за слобода на поробениот македонски народ  во периодот пред и по Илинденското востание, истакна во својот говор Бакрачески.

Историски час за ликот и делото војводата Узунов одржа историчарот Горан Митрески, а во културно- уметничката програма настапија ученици од основните училишта што го носат името на Христо Узунов  од селото Другово- Кичевско и од Охрид.

OhridNews