Светските температури достигнаа во 2016 година рекордни висини, трета година по ред, приближувајќи се до дозволениот праг за глобално загревање, објавија американските научници, пренесува „Макфакс“.

Податоците се објавени два дена пред инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, кој ги доведува под знак прашалник тврдењата дека климатските промени ги предизвикал човекот.

Просечните температури на копно и температурите на океаните во 2016 година биле 0,94 Целзиусови степени повисоки од просекот за 20 век од 13,9 Целзиусови степени, според податоците на националната управа за океани и атмосфера.

НАСА објави речиси идентични податоци, а британската Метеоролошка канцеларија и Универзитетот Ист Англиа, кои исто така ги следат глобалните температури за ОН, ја прогласија 2016 година за најтопла до сега.

„Не очекуваме рекордни години секоја година, но постоечкиот тренд на долгорочно затоплување е јасен“, рече Гевин Шмит, директор на институтот Годар на НАСА за вселенски истражувања.

Понатамошен пораст на просечната глобална температура оваа година не се очекува бидејќи Ел Нињо попушти, иако продолжува акумулирањето на ЦО2 во атмосферата.

Пирс Форстер, експерт за клима од Универзитетот во Лидс, рече дека ова година веројатно ќе биде постудена.

„Сепак, ако не се случи некоја голема вулканска ерупција, очекувам рекордот повторно да биде пробиен за неколку години“, рече Форстер.

OhridNews
извор: „Макфакс“