Над 600 слависти од 40 земји од светот ќе земат учество на XIV  Меѓународен Славистички конгрес што денеска започнува во Охрид. Единствено во Охрид нема да допатуваат  славистите од Грција кои два пати уредно  биле поканети, но тоа според организаторите нема да го намали значењето на собирот.

-Конгресот во Охрид  ќе има позитивно влијание во решавањето на одредени политички недоразбирања или контроверзи, а  индиректно може да влијае и на решавањето на актуелните политички прашања, смета академик Милан Ѓурчинов, претседател на Меѓународниот славистички комитет.  

Еминентни светски слависти ќе присуствуваат на конгресот во Охрид, а голем дел од нив подготвуваат реферати  кои се однесуваат на Македонија, додаде Трајко Стаматоски, потпретсдател на Меѓународниот славистички комитет.

На Конгресот за полноправни членки на Меѓународниот славистички комитет ќе бидат примени Турција, БиХ, Шпанија и НР Кина, а ќе биде организирана и изложба на преку 3000 научни дела од областа на славистиката кои ќе останат во трајна сопственост на Република Македонија.

Светскиот славистички Конгрес кој за прв пат се одржува во Македонија  завршува на 16 септември.

Ohridnews