Македонската ракометна репрезентација во третата рунда од квалификациите за Европското првенство во Данска го претрпе вториот пораз. Светскиот првак Шпанија со 24-17 (13-7) ја совлада Македонија и го продолжи стопроцетниот ефект во групата.


Избраниците на македонскиот селектор Ивица Обвран долго време бараа начин да го пробијат бедемот пред голот на Шпанија. Првиот гол “црвено жолтите“ го постигнаа во 11 минута, а до тогаш “златните момчиња“ на шпанската репрезентација направија разлика која до крајот на полувремето достигна (+6) 7-13.

Во вториот дел селекторот Обвран на дебито на селекторската функција проба со сите расположливи средства да ја анулираа предноста, но квалитетот на шпанскиот состав дојде до израз и на крајот сосема заслужено ги освои бодовите во “Борис Трајковски“.

Дополнителен хендикеп за македонскиот состав беше повредата на капитенот на селекцијата Кирил Лазаров, кој од 20-та минута повеќе не влезе во игра. Без најдобриот ракометар на теренот, македонската селекција немаше сила за подвиг и триумф против Светскиот првак.

Единствена светла точка во македонската селекција беше повратникот Петар Ангелов, кој за триесет минути собра осум успешни интервенции. На спротивната страна Штербик со тринаесет одбрани внесе голема сигурност во составот на Шпанија.

Миркуловски, Мојсоски и Недановски постигна по три погодоци, додека најпрецизен во победничкиот состав со пет голови беше Виктор Гонзалес.

Во наредната четврта рунда од квалификациите за ЕП во Данска, Македонија ја очекува “пеколно“ гостување во Гвадалхара против лидерот на табелата, Шпанија.

Мх.П.