8-ми Април e Светскиот ден на Ромите, кој воедно е  и Државен празник во Република Македонија. На пригоден начин Светскиот ден на Ромите ќе биде одбележан и во Охрид.  

Ромите живеат во сите земји на Европа. Според проценките на современите истражувачи, нивниот број на стариот континент се движи помеѓу 12 – 15 милиони. Од нив околу 70% живеат во земјите од источна и југоисточна Европа.

Ромите потекнуваат од Индија, а се појавуваат во средновековните византски земји во средината на 11 век. Може  со сигурност да се препостави дека тие во Македонија се присутни во 12 век. Така, во полисите што ги правеле османлиските власти, може да се најдат податоци за Ромите кои живееле во турските кадилуци или казни. Во тие полиси може да се најде дека Роми имале во македонските градови, Штип, Кратово, Велес, Скопје, Тетово, Прилеп, Битола, Кичево, Дебар и Охрид. Најголем дел од пристигнатите Роми во тој период работеле како ковачи, артисти, гатачи, дресери на животни, свирачи, калајџии, кожари, папуџии, слуги, бојаџии и др. Во Македонија во периодот 1888-1895 година, кога е правен попис на населенито, имало 22.001 жител – Ром. Најмногу Роми имало во битолскиот, прилепскиот, скопскиот струмичкиот и тетовскиот округ Половианта од нив живееле во градовите.

Според подaтоците на истражувачите и научниците кои ги проучувале Ромите, во периодот до 12-20 век над нив се правени, масовни егзодуси, прогони и асимилации. Само во текот на Втората светска војна се претпоставува дека  во германските логори настрадале  околу 500.000 Роми.

Од 6-8 април 1971 година е одржан Првиот Светски конгрес на Ромите на кој присуствувале делегати од 14 земји. Тие го прифатиле името Ром, определиле официјално знаме и химна на сите Роми во светот. Оттогаш 8-ми април се слави како Меѓународниот ден на Ромите, а во Македонија е неработен ден за припадниците на оваа етничка заедница.


Ohridnews